Заев: Портите на Струмица секогаш ќе бидат ширум отворени за италијанскиот јазик и култура

0
1865

Градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев и амбасадорот на Република Италија во Република Македонија, Карло Ромео, вечерва во домот на АРМ во Струмица присуствуваа на манифестацијата по повод одбележувањето на Неделата на италијанскиот јазик и култура. Во своето обраќање,  Заев потенцираше дека задоволство е повторно, да биде град домаќин на Неделата на италијанскиот јазик и култура и порача понатамошно негување и продлабочување на соработката помеѓу општина Струмица и амбасадата на Република Италија во нашата земја.

– Ако се знае дека Струмица го има италијанскиот културен центар „Џакомо Леопарди“, ако Струмица го даде актуелниот италијански Конзул во нашава земја, ако изучувањето на италијанскиот јазик во Струмица бележи евидентен подем, ако во Струмица е отворено првото „Италијанско ќоше“ во Македонија, и ако се знае дека општина Струмица, низа години наназад, има извонредна соработка со амбасадата на Република Италија во Македонија, тогаш овој вечерашен епилог е повеќе од очекуван. Да се зборува за италијанскиот јазик и култура и нивното влијание во светски рамки е повеќе од значајно. Од памтивек до денешни дни, голем број италијански композитори, ликовни творци, писатели, архитекти и други дејци, ставиле препознатлив печат на своето време, оставајќи непроценливо богатство и наследство во севкупната лингвистичка и културна светска баштина. Тоа треба да се почитува и негува и од сегашните и од идните генерации, ширум светот. Токму затоа, колку и да се значајни италијанскиот јазик и култура во светски рамки, секогаш е добро да се работи на нивна афирмација и популаризација. Искрено се надевам дека вечерашниот настан во рамките на Неделата на италијанскиот јазик и култура, која годинава се одвива под мотото „Италијанскиот јазик и креативноста, брендови и традиции, мода и дизајн“, ќе го даде посакуваниот бенефит, и дека белезите на Италија, на најубав можен начин ќе бидат доближени до струмичката јавност. Особено се радувам, што на показ ќе ја имаме креативноста на неколкумина струмичани, кои токму во Италија стручно ги надградиле и усовршиле своите креативни афинитети – рече градоначалникот Заев.

Амбасадорот Карло Ромео им се заблагодари на Заев за поддршката во промовирањето на италијанскиот јазик и култура и изрази надеж за продолжување и продлабочување на соработката.

Во рамките на одбележувањето на Неделата на италијанскиот јазик и култура кое што го организираа италијанскиот културен центар „Џакомо Леопарди“ и конзулот на амбасадата на Република Италија во Струмица, Стојан Витанов, беа изложени експонати на италијански реномирани автомобилски брендови и познати брендови на музички инструменти, беа изведени италијански канцони и се одржа модна ревија.