Заев очекува жестока реакција од Русија при влегување во НАТО: Јас сум подготвен на последиците, што биде нека биде!

0
1309

Македонскиот премиер Зоран Заев во интервју за радиото „Антена М“ од изјави дека очекува жестока реакција од Русија кога ќе дојде време Македонија да влезе во НАТО, исто како што беше случајот со Црна Гора.

-Како реагираа околу Црна Гора, веројатно ќе реагираат жестоко. Подготвени сме. Мојата земја нема друга алтернатива. Ние сакаме да ја унапредиме нашата соработка со Русија, сакаме што повеќе домати да продадеме таму, и зелка и сите наши земјоделски производи што ги имаме. Но, ние немаме алтернатива за НАТО – категоричен е Заев.

Притоа, тој додаде е подготвен да го реализира овој национален интерес на Македонија без оглед на последиците, правејќи паралела со црногорското искуство и Мило Ѓукановиќ.

-Знам дека имаше обиди дури и за ликвидација. Добро е што навреме е реагирано и спречено сето тоа. Му благодарам на Бога. Сега некои аналитичари ми велат сега ти си на ред. Чекај, ако треба нешто да се случи, нека се случи. Јас сум се нафатил да бидам премиер на својата земја, на мојата земја ѝ треба лидер и јас сум подготвен да носам такви одлуки какви што моите граѓани очекуваат по цена – што биде нека биде – рече Заев во интервјуто.