Заев од Тетово: Во шеста изборна единица ќе го победиме ДУИ и ќе имаме двојно повеќе пратеници од ВМРО-ДПМНЕ

0
975
Се додека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ не се реформираат и европеизираат, ќе останат долго време во опозиција, кога ќе се реформираат, тогаш ќе можеме да се бориме на политички мегдан, посочи претседателот Заев вечерва пред граѓаните на Тетово.
„Во недостиг на економска понуда, понуда за иднината. Ете и ДУИ се враќа кон национализмот и ја навредува интелигенцијата на граѓаните. Зарем не знаат дека се прочитани? Па и тие губат од ваквите уценувачки политики. Граѓаните се тие кои кажуваат кој ќе биде пратеник, кој ќе биде министер, а кој премиер. Ние во СДСМ имаме Албанци и пратеници, градоначалници и министри, немаме проблем и за премиер и за претседател, но тоа е одлука која на крајот ја носат нашите граѓани, порача Заев.
Затоа, крајно време е, додаде Заев, ДУИ да прејде во опозиција, по 17 години на власт здраво е за државата, здраво е и за ДУИ, само на тој начин ќе се реформираат, бидејќи партиите се реформираат во опозиција.
Претседателот Заев се осврна и на политичката понуда во шестата изборна единица и порача дека Коалицијата „Можеме“ ќе оствари убедлива победа и во оваа изборна единица.
„Слушајте ми го зборот, зборот е збор, во шеста изборна единица ќе го победиме ДУИ, во шеста изборна единица ќе ја победиме Алијанса и Алтернатива, во шеста изборна единица ќе имаме најмалку двојно повеќе пратеници од ВМРО – ДПМНЕ затоа што тоа е иднината, затоа што едно општество е тоа што е нашата Македонија, затоа што на народот му е преку глава од квазипатриоти и од квазинационализми“, заклучи Заев.
Пред присутните свое обраќање имаше и Билал Касами. Претседателот на Движењето БЕСА, дел од Коалицијата „Можеме“, кој истакна дека овие избори се одлична можност да се сруши и последната алка од режимот а тоа е политичката партија ДУИ.
„Успеавме да го срушиме режимот, но свесни сме дека тој режим не падна целосно, односно едната алка, а тоа е ДУИ се уште остана и затоа оваа Коалиција ќе го даде последниот удар врз остатоците од режимот и државата и граѓаните конечно целосно да се ослободи од тој режим“, порача Касами.