Заев од Охрид : Нема амнестија за КРИМИНАЛЦИ!

0
1178

Marsh-sdsm-oh-13-685x320

„Никој нема право да договара и да ветува амнестија за забеганите криминалци. Сè што имаат искрадено, ќе го вратат на народот и на државата и од тоа нема бегање“, порача вечерва од митингот во Охрид, претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

Опозицискиот лидер гарантираше дека нема да прекинат со објавување на снимените разговори и дека нема да потклекнат, како што рече, и пред притисоците на меѓународната заедница.

– Деновите за оваа власт се одбројани. Ќе се истури гневот по улиците и на плоштадите. Ајде да се сплотиме сите заедно, се работи за Република Македонија – нагласи Заев.

Тој вечерва обелодени дека, покрај автомобилите во Битола, попладнево бил запален и автомобил во Велес и тоа токму на роднина од семејството на малата Тамара.

– Влегуваат во опасно сценарио, но народот нема да им дозволи да креираат црни сценарија. Не водиме партиска, туку искрена и исконска битка за иднината на Република Македонија. Се бориме да ги воскреснеме слободата и демократијата, за враќање на сè што е безмилосно и брутално одземено – рече лидерот на СДСМ и на опозицијата, Заев, на вечерашниот митинг од Охрид.

Пред насобраните членови, симпатизери и граѓани, се обратија и потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски, и членот на извршниоит одбор, Ѓоко Танасоски.

Манчевски рече дека земјата се наоѓа пред нов почеток, како во 1991 година, и дека опозицијата води битка за Република Македонија, а не за власт.

Ѓоко Танасоски, навраќајќи се на содржината на денеска објавената „бомба“, се послужи со стих од охридска песна „Лицем светци, срцем волци“, како метафора со која ја опиша сегашната власт, која од Охрид, како што рече, направи рекордер по иселување во земјата.

На митингот присуствува членови и функционери од коалициските партнери.

Извор: Мета