Заев од Маршот на жените: Заедно го збoруваме јазикот на животот на којшто сите се разбираме!

0
1170

Обраќање на Осмомартовскиот Марш
Зоран Заев, претседател на СДСМ
Гевгелија, 05.03.2017

Добар ден дами мои, добар ден социјалдемократки! Убава е Македонија и заради тоа има женско име, убава е Македонија затоа што ги има најубавите жени на светот, но и среќна е Македонија, заради тоа што има храбри жени, жени борци, борци за својата татковина.

Сите овие години се бориме рамо до рамо, но вие бевте тие кои не мотивиравте, вие бевте тие кои го водевте орото напред и еве сега сме исправени да направиме промена на власта. Ги дочекавме промените од 120 мандати, 67 мандати имаме позади нас и еве `не пред формирање Влада. И мајката, не сакаат власа да ја предадат, банални изговори изнаоѓаат како само и само власта да не ја предадат, а сакаме со убаво, сакаме со убаво затоа што малкумина сме, роднини паѓаме, толку ни е Македонија. Ајде денеска уште еднаш да испратиме порака со лесно, но пред `се и со убаво, да направиме промена на власта. Oд овде, од оваа говорница, со оваа прекрасна глетка, ајде на нашите политички противници да им испратиме 20-30 илјади убавини, да ги видат зашто убаво да ја промениме власта. Дозволете со кренати знаменца да направиме една убава слика, со убаво се промени власта.

Oваа убавина преточена во слики ќе ја испратиме и кај Никола Груевски и кај Ѓорге Иванов, со убаво ни одат работите.

Дами мои денеска сме собрани овде заради тоа што доаѓа вашиот ден, доаѓа 8-ми март денот на жената. Дозволете да бидат прв кој ќе ви го честитам 8-ми март денот на жената – бидете горди, бидете среќни жени, заради тоа што ја ослободивте Македонија!

Ова денеска е и марш на победата и за Мира. Самохрана мајка, која ризикуваше да го изгуби своето работно место, бидејќи и лани стоеше со нас овде кога зборувавме за промените. Денес Мира заедно со вас ги донесе промените!

Благодарение на жените како Мира, во Македонија ќе има флексибилно работно време за самохраните родители. Ќе го воведеме уште во првите 6 месеци од мандатот.
Еднородителските семејства со плата пониска од просечната, ќе ги ослободиме од јавните давачки како што се такса, јавен превоз, општински комунални давачки. Нема да плаќаат надомест во градинка и во основно училиште.

Ова е марш и за победата на Назифе. Знам дека и годинава и таа е тука. Лани беше штотуку вратена од породилно отсуство и стравуваше дали ја чека истото работното место. Стравот се покажа оправдан зашто работи, ама не на нејзиното работно место. Денес и Назифе е носител на промените во Македонија!

Благодарение на жените како Назифе, законски ќе се регулира враќањето на жените на истото работно место по породилното отсуство.

Ова е марш и за Јелена, и за Фатма, и за Фаница, и за Александра…

Ова е марш за жените кои се Клара Цеткин и Роза Луксембург на денешнината во Македонија.

Тоа се жените кои заедно чекореа за права и правда сиве овие години. Ги споделуваа солзите по своите деца во странство, зашто болката не познава различност.

Денес ја споделуваат радоста на промените, затоа што и насмевките не познаваат различност.

Вие сте тоа, дами мои. Вие сте симболот на еднаквоста. Вие дарувате живот. А животот е еден. И може да биде убав. И може да биде квалитетен. И правичен. Во едно општество за сите во кое што сите мајки и сите деца имаат исти права да бидат исто среќни.

За тие права заедно се боревме и за тие права заедно сите се изборивме.

Бидете горди на себе, заради тоа што заедно испишавме историја за Македонија.

Дами мои и јас сум горд на сите вас, затоа што имав чест да стојам до жени борци, кои иако имаат семејства, иако беа соочени со предизвиците на режимот, достоинствено застанаа спроти режимот, одлучно му рекоа НЕ и избраа живот.

Никој нема право да оди против волјата на мнозинството граѓани на Македонија.

Почитувани мајки, ќерки, сопруги, работнички, интелектуалки, од град и од село, Македонки, Албанки, Турчинки, Србинки, Влавки, Ромки, Бошњачки – во Македонија
заедно, заедно сплотени донесовме живот. И ќе има живот за сите!

Република Македонија ќе биде општество на еднакви граѓани и тоа никој повеќе не може да го спречи.

Демократските процеси се почнати, назад нема!

Со партиите со кои го обезбедивме парламентарното мнозинство сме согласни.

Ќе поттикнеме секој правен субјект да мора да има синдикат што ќе ги штити правата на работничките и работниците.

Градинките ќе работат во две смени. Клучните државни институции ќе работат во две смени, до 20 часот, за да го олесниме функционирањето на родителите и посебно на мајките.

Ќе обезбедиме државна поддршка за зголемување на бројот на жени претприемачи, со што ќе овозможиме жените да водат сопствени бизниси.

Ќе овозможиме вработувања на жените во руралните средини и поддршка за жени – фармерки.

И ова да се однесува на сите жени во Македонија.

Е ова е заедничкиот јазик на којшто зборуваме, ова е јазикот на животот на којшто сите ќе се разбереме – живот за сите, правда за сите.

Дами мои, формираме реформска, европска Влада којашто ќе обезбеди живот за сите жени, за сите граѓани во Македонија.

Таа Влада, избрана од околу 700.000 граѓани, ќе се грижи за сите жени, за сите деца и ќе води грижа за сите граѓани на Македонија.

Обезбедуваме еднаквост и стабилност. Заедништво, а не поделби. Интеграција, а не изолација.

Благодарам што бевте тука и што сте тука, и што ќе бидете тука за Македонија и за нашата иднина. Потребни сте и на Македонија. Секоја од вас. Секој од нас.

Се гледаме повторно на следниот марш до година, со успеси позади нас, со гордост за Македонија!

Да сте живи и здрави! Среќен 8-ми март!

Заев Марш1 Заев Марш2 Заев Марш3 Заев Марш4 Заев Марш5jpg Заев Марш6jpgЗаев Марш7pg