Заев: Не правете фама од тоа дека ќе се вработуваат заменици директори во јавните претпријатија

0
1133

Премиерот, Зоран Заев, порача дека не треба да се прави фама од тоа што со измените на законот за јавни претпријатија ќе се воведуваат заменици на директорите. Заев одговараше на пратеничко прашање од Владо Ѓорчев кој рече дека со оваа промена непотребно ќе се трошат стотици милиони евра државни пари. Заев рече дека намерата е искрена.

-Целта ни е замениците директори целосно да ги заменуваат директорите и да ја диктираат испораката на јавните услуги за граѓаните. Апсолутно ваквите трошоци се минорни ако ефектите бидат задоволителни, а граѓаните посреќни за услугите. Не треба да се прави ваква јавна фама и да се говори за некаква катастрофа. Вие знаете дека од 3,4 милијарди евра трошоци на државата, повеќе од 3 милијарди е фиксен дел, здравство, социјална заштита, плати, пензии и нормално функционирање на институциите. Во последната година само 100 милиони евра се заштедени од транспарентноста на постапките, 300 до 400 милиони евра може да менаџира секоја влада, се друго е фиксно – рече Заев.

Тој како пример посочи дека АД „Македонски енергетски ресурси“ мора да добие заменик директор затоа што се подготвува државата да откупи дел од „Макпетрол“ и дека ќе се спроведува гасификација на општините.

Во врска со обвинувањето од ВМРО-ДПМНЕ, дека државниот советник во Министерството за земјоделие, Цветан Трипуновски, е отпуштен поради тоа што бил член на Извршниот комитет на партијата, Заев рече дека тоа не е точно. Како што рече премиерот, Трипуновски бил отпуштен од дисциплински причини, не доаѓал на работа и прес конференциите каде го напаѓал Министерството ги држел во работно време.

На тоа Ѓорчев одговори дека не е задоволен од одговорот.

-Вие имате вицепремиер, во вашата Влада, кој 6 месеци не доаѓа на работа, година дена нема дојдено во ова Собрание. Зима плата, а влакно не му фали. Пораката со отпуштањето на Цветан Трипуновски е: ќутете и молчете. Стотици нови функционери ќе бидат вработени под превезот на заменици директори. Иако на овој предлог закон прв е потпишан вашиот генерален секретар Александар Кирацовски, всушнот вие сте тој кој стои зад овој предлог закон, со кој државата ќе плаќа стотици милиони евра за заменици директори. Тоа е срамен предлог. Овој скандалозен предлог сакате сега да го протуркате кога е намалено вниманието на јавноста. Ова се партиски дилови и дел од партиски преговори – рече Ѓорчев.