ЗАЕВ: НЕ Е ТОЧНО ДЕКА СУМ ЈА ИСФРЛИЛ ОД КАБИНЕТ КОСОВСКАТА МИНИСТЕРКА ЗА НАДВОРЕШНИ РАБОТИ, САМО ЈА ЗАМОЛИВ ДА НЕ ГИ НАВРЕДУВА ПРЕД МЕНЕ ЕДИ РАМА И АЛЕКСАНДАР ВУЧИЌ И ТАА ЈА ПРИФАТИ МОЈАТА МОЛБА

0
468

Нема никакви индиции, факти или извори дека Доника Грвала-Шварц, вицемпремиерка и министер за надворешни работи на Косово, била наводно избркана „на клоци“ од состанокот со поранешниот премиер на Северна Македонија, Зоран Заев, кој се одржал минатата година, на 30 јули 2021, како што објавија повеќе медиуми на албански и македонски јазик. Инцидентот наводно се случил откако Грвала – Шварц се заканила на средбата дека „доколку Македонија не излезе од Отворен Балкан, ќе си има работа со неа“

Од кабинетот на поранешниот премиер, Зоран Заев денес добивме објаснување дека воопшто не станува збор за какво било бркање или напуштање на состанок, туку дека тогашниот премиер ја замолил косовската министерка да се воздржи од упатување навредливи зборови за премиерот на Албанија Рама и претседателот на Србија Вучиќ, после што министерката тоа го прифатила и состанокот продолжил во најнормален ред.

Изворот на оваа шпекулација, која не е поткрепена со ниту еден извор или факт, е албанскиот медиум, „Албаниан пост“, кој на 23 октомври објави содржина со наслов „Како беше избркана Грвала од канцеларијата на македонскиот премиер“. Во самиот текст, не се наведуваат никакви конкретни факти ниту извори за наводниот инцидент. Овој портал објави повеќе написи и цела анализа, базирани најчесто на неидентификувани извори, полни со жестоки критики но и сексистички квалификации на сметка на косовската вицепремиерка.