Заев на средба со Заниер: Граѓаните гласаа за нова Влада, Иванов мора да го даде мандатот

0
1121

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев на средбата со генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер, разговараше за актуелната политичка ситуација во Македонија, по обидите за блокада на демократските просеци од страна на Ѓорге Иванов.

-Мнозинската волја на граѓаните на Р.Македонија изразена на изборите е загрозена од уставната криза што ја предизвика Ѓорѓе Иванов со одлуката да не го даде мандатот за формирање Влада и покрај обезбеденото мнозинство од 67 пратеници во Собранието за кои гласаа околу 700.000 граѓани. Ваквото продлабочување на политичката криза е со цел да му се остави простор на Никола Груевски, кој преку провокации и насилства се обидува да спречи мирен транфер на власта. Интерес на граѓаните и државата е да се формира Влада согласно изразената мнозинска волја и да се врати нормалното функционирање на државата. Потребно е Иванов веднаш да ги одблокира процесите, да ја смени својата неуставна одлука и да го даде мандатот за формирање на Влада, рече Заев.

Претседателот на СДСМ истакна дека јасна е определбата на СДСМ и граѓаните за промени, правда и нови економски политики што ќе придонесат кон добар животен стандард и дека е тоа возможно само со нова реформска Влада посветена на граѓаните и на евро-атлантската интеграција на земјата.

-Заедништвото и граѓанскиот концепт за коишто се определија граѓаните се огромна придобивка што ја води земјата напред и ја гарантира унитарноста на Република Македонија, рече претседателот на СДСМ, Заев на средбата со генералниот секретар на ОБСЕ, Заниер.