Заев на самитот на ПЕС: ЕУ е најголемиот партнер на Северна Македонија и Западен Балкан, благодарност за поддршката во време на оваа глобална криза

0
693

Претседателот на СДСМ Зоран Заев денес преку видеоконференција учествуваше на самитот на ПЕС (Партија на европски социјалисти), самит кој е еден вид претходница на самитот на Европската Унија и Западен Балкан во Загреб, кој исто така се одржува речиси во исто време.

Претседателот Заев во своето обраќање пред лидерите на ПЕС истакна дека овој самит се организира во услови на планетарна криза која уште повеќе ја истакна потребата од солидарност и практична демонстрација на социјалдемократските вредности.

Благодарни сме за помошта која ЕУ и ја овозможува на нашата земја и на земјите од Западен Балкан. Финансиските пакети но пред се и отворањето на сите ЕУ механизми инструменти претставуваат начин на кој ЕУ ја покажува солидарноста не само со своите земји членки туку и со оние кои претендираат да бидат рамноправен дел од европското семејство.Во таа насока најавениот економски и инвестициски план за Западен Балкан од страна на Европската Комисија, ќе биде од огромна важност за поддршка на приватниот сектор, енергетската поврзаност, дигитализација, зелена агенда и транспорт.

Од европска страна за време на видео самитот беа искажани многу директни и силни пораки за поддршка и стимулација на сите процеси кои се поврзани со приклучувањето на Западен Балкан во ЕУ но и во самата борба со Коронавирусот. Според високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика и потпреседател на ЕК Жосеп Борел – Европска Унија е најголемиот и најдоверливиот партнер на Западен Балкан.

Според Ираче Гарсија која е претседател на ПЕС во Европскиот парламент европското семејство нема никогаш да биде комплетно без Западен Балкан. Оваа криза е одлична можност да ги ставиме сите механизми на ЕУ на располагање и цврсто да се држиме до социјалдемократските вредности и да ги напуштиме популистичките политики.

За време на видеоконференцискиот самит лидерите на сите социјалдемократски и социјалистички партии се договорија и за заедничка декларација, кога интегрално ви ја доставуваме.