ЗАЕВ НА ОТВОРАЊЕТО НА ПРВИОТ МЛАДИНСКИ ЦЕНТАР ВО КУМАНОВО : СОЗДАДОВМЕ ПРОСТОР ЗА МЛАДИТЕ И ЗА НИВНИОТ ГЛАС ЗА ДА СЕ ПРЕТВОРАТ ВО КОНКРЕТНИ МЕРКИ, АКТИВНОСТИ И РЕФОРМА ЗА ОСТВАРУВАЊЕ НА ИНТЕРЕСИТЕ НА МЛАДИТЕ

0
729

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска учествуваше на настанот по повод отворањето на првиот младински центар во државата согласно Законот за младинско учество и младински политики во Општина Куманово.

Премиерот Заев на пригодната свеченост, на која учествуваа и директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС) Наумче Мојсоски, заменикот-директор на АМС Авни Рустеми, градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, пратениците Мартин Костовски и Лидија Тасевска, претседателката на Советот на Општина Куманово, Атина Мургашанска, и претставници на младински организации и организации за млади, средношколци, студенти од општината, истакна дека со отворањето на овие центри пред сѐ се обезбедува соодветен и безбеден простор каде ќе се спроведува системска поддршка за интересот и личниот развој на младите луѓе.

„Ова ќе го постигнеме преку неформално образование, менторство, информирање, неформално искуствено учење кое се случува во слободно време низ учество во забавни и волонтерски активности, кои ќе им бидат достапни на сите млади од општината. Едновремено, овој проект претставува и широк инклузивен процес со кој сакаме да креираме простор за младите и нивниот глас кој ќе допре до институциите и ќе се преточи во конкретна мерка, активност и реформа која ќе ја унапреди положбата на младиот човек во Република Северна Македонија“, нагласи премиерот Заев.

Претседателот на Владата уште додаде дека со младинските центри во општините континуирано се унапредуваат вредностите и примената на младинската работа и поттикнувањето волонтерство и младинскиот активизам.

Заев потенцираше дека конечната цел со младинските центри е да се креира поволен амбиент за сите, во кој заедно, на иста маса, младите и институциите носат одлуки од корист на младиот човек.

„Општина Куманово е позната како симбол на шареноликоста и пријател на младите луѓе и со отворањето на овој младински центар само го потврдува тоа. Со неговото отворање како и со формирањето на локалните младински совети, гарантираниот буџет за млади, не постои можност градоначалникот и локалната власт да ги слушнат младите и да не креираат политики и активности по нивна мерка“, потенцираше премиерот Заев во своето обраќање на отворањето на првиот младински центар во Куманово.

Градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски во своето обраќање рече дека одлуката за првиот младински центар во државата, според Законот за младинско учество и младински политики, да се отвори во Општина Куманово е признание за сите остварувања што општината ги направиле за младите.

„Општината се гордее со младите од Куманово заради сите постигнувања што ги прават, а обврска на општината е да ги поддржат од сите аспекти активностите на младите и нивните организации.

Директорот на АМС Наумче Мојсовски во своето обраќање нагласи дека верува дека овој младински центар ќе биде место каде ќе се родат големи идеи, каде креативноста ќе биде на највисоко ниво.

„’Мулти култи’ не е само обичен збор! Тоа е збор кој ја содржи суштината на сплотеноста, на просперитет, на меѓусебно почитување. Младите заслужуваат да имаат место, основа од каде што ќе тргнат во големи победи и успеси. Тие заслужуваат да бидат инволвирани во политиките. Посебно во оние политики кои се однесуваат на нив. Верувам дека овој младински центар во Куманово, ќе биде пример како младите луѓе од сите етнички заедници, знаат и можат да креираат активности, планови, проекти со кои ќе го унапредат и Куманово како град, но и државата севкупно“, рече директорот на АМС Наумче Мојсовски.

На настанот по повод отворањето на првиот младински центар согласно Законот за младинско учество и младински политики во општина Куманово, говореа и Марија Крстевска од Националниот младинскиот совет на Македонија и Наим Исаки од Центарот на интеркултурен дијалог.

Тие во име на младите на Општина Куманово потенцираа дека очекуваат максимална прифатеност на младинскиот центар како можности и простор за младите каде што ќе ги развиваат своите вештини, ќе градат нови пријателства и од каде што ќе произлезат важни проекти и активности, како и политики кои директно ќе го подобрат статусот на младите.