ЗАЕВ КОНЕЧНО ОДОГОВОРИ ЗА НАПАДИТЕ ЗА ЕУРОСТАНДАРД БАНКА: Брат ми е малцински сопственик на една струмичка фирма која има земено кредит од 600 000 евра, но тој кредит е обезбеден со хипотека од 3 милиона евра и кредитот ќе биде вратен уредно, кој е будала да дава толкав имот кој е 5 пати повреден од земениот кредит!

0
7158

– Од илјадници фирми кои земале кредити од Еуростандард Банка, моето семејство е вклучено само во една таква фирма, брат ми е малцински сопственик во една фирма која зела кредит од 500 000 евра но тој кредит е обезбеден во банката со хипотека од 4 милиона евра стамбена зграда, па така, кредитот уредно се враќа и ќе се врати, кој е луд да даде имот 5 пати повреден од земениот кредит. Сите други шпекулации и напади се лаги, немаме ништо со пропаста на банката и тоа ќе се утврди во сите истраги кои се водат за тој случај.

Премиерот Заев во Утрински Брифинг на Слободна ТВ.

Инаку на оваа тема се има произнесено и братот на премиерот, Вице Заев, на прашање на новинар од Фокус:

Господине Вице Заев добро утро. Јас сум Фросина, новинар од Фокус. Вашата фирма Сара инженеринг се најде во извештајот на стечајниот управник за Еуростандард банка. Според извештајот оваа фирма земала кредит од околу 600 илјади евра и не исплатила ниту една рата неполни две години. Прашањето е зошто фирмата не го плаќала кредитот и дали имате некаква поврзаност со другите фирми кои зеле нефункционални кредити од струмица. Ви благодарам

Почитувана новинарка Фросина,

Ви благодарам на вашите прашања, сметам дека мојот детален одговор кој ги содржи сите факти ќе помогне во вистинито и објективно информирање на граѓаните, односно спречување на ширење невистини и напумпани сензации.

Најпрво, Сара инженеринг не е „моја фирма“. Вистината, односно фактите се дека учествувам само со 30% проценти од капиталот на оваа компанија.

Заради здружување на капиталот и искуство при остварување заедничка инвестиција за градба на станбело-деловен објект влегувам со учество со сопственичката структура со 30%. Од тогаш до денес овој сооднос не е променет, односно правото на сопственост останува само на 30%.

Второ, за кредитот којшто се споменува вистината е дека кредитот е подигнат согласно сите законски постапки и процедури, со соодветен залог и дека се сервисира исто така со начин предвиден со Закон.

Или подетално, фактите се следни:

Сара инжентеринг од Струмица, како и секој друг правен субјект, водена од сопствените потреби, во 2016 година, согласно сите законски постапки и процедури на Евростандард банка аплицирала и добила кредит во висина од 550.000 евра, со грејс период од 2 години и рок на целосна исплата до 2031 година.

Како и за секој кредит, како и за секоја друга фирма или граѓанин во оваа земја, Сара инженеринг за обезбедување има приложено соодветен залог на недвижен имот, хипотека од прв ред, со вредност неколкупати поголема од бараниот кредит. Нето површина на објектот ставен под хипотека изнесува 10.000 м2, а утврдена проценета врeдност 3 милиони евра. Со тоа, повторно ќе речам согласно сите прописи, процедури и законски обврски обезбедено е враќањето на кредитот со неколкукратно поголем залог.

Причината заради која било запрено сервисирањето на месечните обврски кон Банката е само заради внатрешно партнерски недоразбирања.

Но, овие недоразбирање се веќе надминати при што донесена е Одлука за Решавање на проблемот за исплата, согласно законските решенија, на начин предвиден со Закон. Секако дека секој кредит мора да се врати.

Веќе е поднесено барање и до Евростандард банката и до надлежниот Извршител за откуп на вкупното побарување на Банката од должникот односно од Сара инжентеринг доо Струмица.

Трето, сите останати фирми што шпекулативно и неосновано се стават во било каков контекст со мене, се класична невистина. Немам никаква врска со ниту една од нив. Ниту сопственичка, ниту капитална а уште помалку управувачка. Тоа е вистината.

Се друго се лажни вести кои ги пласира една опозициска партија во отсуство на своја политичка понуда, заради манипулирање на оштетените штедачи и можеби пренасочување на вниманието од причини познати само за нив.

Цврсто сум убеден дека постојат институции кој сигурно веќе постапуваат во случајот со ЕСБ и ќе имаме можност сите да дознаеме што навистина се случувало и зошто пропаднала банката.

Ги повикувам сите надлежни органи во што пократок рок ги разјаснат овие прашања со цел да запрат манипулациите на јавноста и да не трпи штета банкарскиот сектор како и угледот на луѓе кои решиле да се занимаваат со бизнис на легален и правилен начин.

Очекувам овој мој одговор да го објавите во целост.