Заев и Царовска: Креираме македонски автентичен модел на основно образование согласно најдобрите светски искуства

0
1074

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и министерката за образование и наука, Мила Царовска денеска учествуваа на јавната расправа по повод реформите во образованието којашто се одржа во Собранието на Република Северна Македонија.

На јавната расправа во организација на собраниската Комисија за образование, наука и спорт учествуваа и претставници на МАНУ, на ЗЕЛС, градоначалници, наставници и професори на факултетските установи, на други општествени, образовни, политичките и другите стручни институции, претставници на граѓанските организации, како и претставници на меѓународните организации и на амбасадите на земјите што учествуваат во образовните реформи.

Премиерот Заев во своето обраќање ја нагласи заедничката, особено значајна и благородна желба за учество во оваа јавна расправа за најдобар придонес во исцртувањето на контурите на една од најзначајните реформи во нашето општество – образованието.

„Сите ние во овој процес тргнуваме од амбицијата со реформата да го осовремениме нашето образование со нов модел на настава којшто е инспириран од веќе постоечките образовни системи во развиените земји во светот и во Европа. Се разбира, во промислувањето на реформите ги имаме предвид нашите автентични општествено-економски состојби и заедно со најдобрите европски и светски образовни искуства, на пат сме да создадеме наш македонски национален модел на основно образование“, истакна премиерот Заев.

Тој додаде дека процесот на создавање најдобар национален модел ги зема предвид најсуштинските карактеристики на нашето општество како што се инклузивноста, еднаквоста, родовата рамноправност, мултикултурализмот и некои други прашања кои се сегменти на нашиот автентичен концептот – едно општество за сите, врз основа на кои треба да се создаде образованието како стожер на општеството што го негуваме.

„Нема да избрзаме. Ќе работиме на тоа да дизајнираме најсоодветна образовна реформа која е во најдобар интерес на децата. Со таков нов, иновативен и применлив образовен модел да му овозможуваме на секое дете преку образовниот процес да го постигне својот максимален потенцијал“, потенцираше во своето обраќање претседателот на Владата.

Заев нагласи дека целиот овој процес се прави во најдобар интерес на учениците и затоа го спроведуваме со максимална вклученост на сите образовни институции, граѓанските организации, социјалните партнери, како и експертите за образование и професионалци од праксата, со кои се трага по баланс во предлозите со цел да се направат реформи во најдобар интерес на нашите ученици.

„Ги бараме и идентификуваме најдобрите предлози за да креираме концепција за училиште што нѐ учи да учиме. Да го напуштаме стариот пристап на фактографско учење и да ги поттикнеме учениците да решаваат проблеми и критички да размислуваат. Целта е да обезбедиме образование со коешто секое дете ќе го достигне својот полн потенцијал преку изборни и вон наставни предмети“, рече премиерот Заев во своето обраќање на јавната собраниска расправа за образовните реформи.

Јавната расправа, истакна премиерот Заев, и инклузивноста во овој процес се значајни и за да се демантираат и одредените погрешни интерпретации и дезинформации во врска со првичниот Нацрт-предлог за образовната реформа. На пример, презентацијата на нацрт-концептот јасно покажа дека со предлогот за наставен предмет општествени науки не се укинува наставниот предмет историја или други предмети, туку содржините од нив се предвидува да станат задолжителен дел од новата наставна програма.

„Како одговорна Влада продолжуваме да го бараме најдобриот модел за реформи во образованието, да вложуваме во наставниот кадар како значаен човечки капитал, да вложуваме во училишната инфраструктура и современите наставни средства. Сето тоа во име на грижата за учениците и студентите“, потенцираше претседателот на Владата во своето обраќање на јавната расправа за образовните реформи во Собранието.

Министерката за образование и наука, Мила Царовска во обраќањето истакна дека заедничкиот заклучок од целиот овој процес на дебати којшто претходеше на денешната јавна расправа е дека, реформи во образованието се нужни, и овој процес не смее да запре.

„Нужни се затоа што се во интерес на сите деца во државата. Процесот не смее да запре, затоа што секоја учебна година, секој  ден во кој нашите деца учат од неквалитетни учебници, следејќи несоодветна наставна програма нанесуваат огромни последици на младите генерации. И за тоа имаме непобитни факти како што се резултатите од домашните и меѓународните тестирања и анализи”, рече Царовска.

Министерката истакна дека според ОЕЦД, во споредба со нивните земји членки, учениците до 14 годишна возраст од Северна Македонија добиваат околу 900 саати, а слаби резултати постигнуваме и на тестирањата со читање и разбирање и математичка писменост.

Министерката во обраќањето истакна дека треба да се отфрлат сите сомнежи дека реформата нема да успее, дека немаме капацитет да ја спроведеме или пак дека е избрзана.

„Ве уверувам дека МОН и Бирото за развој на образование многу сериозно пристапија на целиот овој процес и со сигурност подготвени ќе влеземе во имплементација на реформата. Веднаш по донесувањето на концепцијата наставниот кадар ќе помине соодветна обука за новиот модел на настава. Наставниците и директорите на училиштата нема да бидат оставени сами. Ние сме ваша сила, поткрепа и поддршка затоа што сакаме сето ова да успее. Имаме и доволно капацитет и доволно време. Ни треба само силна волја и храброст да се придвижиме“, нагласи министерката за образование и наука.

Царовска рече дека е свесна дека секоја промена кај нас предизвикува чувство на неизвесност, па дури и на страв, но без промени нема напредок, исто како што без труд и учење нема знаење.

„Да влеземе храбро во овој процес и да покажеме дека сакаме напредок, сакаме подобра иднина за нашите деца и сакаме подобро образование за сите. Кога знаеме дека главниот мотив за промените ни се децата и нивите успеси, верувам дека сите ќе вложиме заеднички напори да ги совладаме предизвиците”, рече Царовска.

На јавната расправа во Собранието беше презентирана и нацрт концепцијата за реформата во основното образование од страна на претставниците на Комисијата што работеше на концептот, по што следуваше дискусијата со учество претставниците на општествените, образовните, политичките и другите стручни институции, и претставниците на граѓанските организации, со предлози и мислења кои ќе бидат вклучени во предлогот за реформа на образованието.