ЗАЕВ ДО АПАСИЕВ : Го минавте по рејтинг Мицкоски, ама изгледа сакате и мене да ме минете. Кроткичко, пополека…

0
4567

Пратеникот од Левица, Димитар Апасиев на денешната седница со пратенички прашања во Собранието го праша премиерот Зоран Заев дали во периодот од завршувањето на парламентарните избори се до конституирањето на парламентот се обидел да купува пратеници.

„Дали е вистина или шпекулација тоа што после изборите од јули до конституирањето на парламентот сте направиле обид да купите пратеници преку стурмички пајташи за цена од 300 000 евра. Се работи за двајца пратеници од власта кои не се од СДСМ и тројца од опозицијата кои не се од ВМРО-ДПМНЕ – рече Апасиев.

Заев рече дека вака поставено прашање без докази е недозволиво за еден лидер на партија.

„Негирам било каква инсинуација, срамота е што си дозволувате вакво прашање. Го минавте по рејтинг Мицкоски, ама изгледа сакате и мене да ме минете. Кроткичко, пополека. Не може ем да обвините ем да избегнете одговорност за обвинувањата. Лидер во опозиција вади докази и ги вади во јавноста. Тоа е исто како да ве прашам дали е вистина или шпекулација дека јас и вие сме се договориле да ви ги обезбедиме сите ресурси на изборите само да одземете гласови од ВМРО-ДПМНЕ и при тоа да дадете директен одговор дали е вистина или шпекулација дека договоривме да нѐ поддржувате понатаму ако освоите пратеник. Вака реторички прашања нема да ве однесат никаде на функција туку ќе ја разобличите една левичарска идеја. Знам ве гледам се борите, сам сте и тоа е во ред, но вака не. Вака нема да постигнете ништо, ова не му личи на политичар и пратеник – рече Заев.

Апасиев одговори дека партијата има докази, но дека чекаат да падне власта за да ги процесуираат.

-Имаме докази само чекаме да падне власта и ќе ги процесуираме, бидејќи досега поднесовме 4 кривични пријави и ниту една не е процесуирана, веројатно се јавувате кај вашите „реформатори“. Пратениците се тие кои тука поставуваат прашања, а не обратно – рече Апасиев.