Заев во понеделник во Берлин на средба со Меркел и Макрон

0
1132

На 29 април во Берлин, премиерот Заев, заедно со претседателите или премиерите на шесте земји од Западен Балкан ќе оствари средба со двајцата најмоќни европски лидери – Ангела Меркел и Емануел Макрон.

Вонредна и невообичаена средба која е надвор од рамките на Берлинскиот процес. Иако нема најава дали ќе се разговара за датумот за преговори, едно е јасно – на само еден месец пред изборите во Европскиот парламент, кога те канат Меркел и Макрон, мора да е важна темата.

Во фокусот се очекува да бидат односите меѓу Србија и Косово како важно прашање за стабилизација на регионот, но според познавачите не се исклучува можноста на масата да се стават и прашањата за преговорите со Македонија и Албанија , особено ако се земе предвид дека Франција и Германија имат различни ставови околу проширувањето.

Според дипломатски извори, доколку земјата не добие зелено светло во јуни, ќе падне од приоритетната листа во октомври, покрај Брегзитот но и изборите во Грција кои може да донесат промена на власта.

Во меѓувреме опозиционерот Мицотакис испраќа пораки од Атина:

– Зошто дадовме јазик, идентитет и националност, господинот Ципрас никогаш не одговори. Зошто требаше денес да им дадеме можност на нашите соседи да се нарекуваат само Македонци, да говорат македонски јазик, јазик кој не го признава ниту Бугарија. Во однос на интегративниот тек на соседната земја. За ова сум многу јасен. Грција ја задржува, за секое поглавје што се отвора и затвора, можноста да го блокира интегративниот процес

Во мај се очекува ЕК да даде позитивна препорака за земјата, но извори брифираат дека Холандија ќе бара гаранции за  СЈО да продолжи да функционира од септември, без оглед дали ќе биде дел од ЈО или посебна институција.

Во меѓувреме Димитров утре и задутре ќе престојува во работна посета на Хаг, каде ќе го презентира напредокот и подготвеноста на земјата за почеток на преговорите со ЕУ.

И покрај претставувањето на земјата како успешна приказна во Европа со договорите со Грција и Бугарија, јасно е дека не е се завршено. А дополнителен чекор назад е и тоа што земјата се става во ист пакет со Албанија.