Заев- Во мала земја за некој што бил директор на УБК , не е тешко да слушне дека е побаран притвор

0
1302

Во мала земја како нашата, посебно за некој што бил директор на УБК долги години, не е тешко да слушне дека некој побарал притвор, за да може да се крие 40 часа. Четириесет часа може и некој ситен џепарош, криминалец да се скрие, ама тој ќе биде пронајден ако системот функционира, рече премиерот Зоран Заев од собраниската говорница.

Тој одговараше на прашање на пратеникот од СДСМ, Миле Талески кој го праша до каде се реформите во правосудниот систем, а Заев како резултат на досегашните реформи го посочи случајот со Сашо Мијалков, кој два дена ја крена цела јавност и и држава на нозе за потоа сам да се пријави во Обвинителството за да си го земе решението за куќен притвор.

– Треба да знаат нашите граѓани дека во држава, која 11 години беше окупирана држава со индиции за украдени стотици и стотици милиони евра, не е лесно во ваков систем на земја во развој со тенденција да стане полноправна членка на ЕУ и следниот чекор да биде отворање на поглавјата за преговори со ЕУ, во систем во кој последиците од 11 годишен режим оставиле свои траги и допираат до луѓето. Да дочекаме да имаме завршница на вакви крупни случаи што се симбол на борбата против криминалот и корупцијата. Среќен сум што македонското правосудство и обвинителство и за судство, кои ги донесоа предметите на својата завршница, еден дел се веќе завршени со правосилни судски пресуди, еден ден се пресудени на прв степен, еден дел се пред соопштување на пресуда, како што е еден од најважнните случаи Таргет тврдина. Закажана е за утре соопштување на пресудата и веројатно тоа беше причината зошто еден од обвинетите во тој случај Сашо Мијалков се пушти во бегство, изјави Заев.

Според него, целиот овој амбиент, како што рече, ја испратил вчера пораката дека може системот да биде ставен во функција, почитувајќи ги сите донесени закони, секој да ја одработи својата работа за да не му се исплати некој да бега од одговорноста, да ја напупшта државата или да се крие.

– Затоа Мијалков се предаде, заради тоа што нема начин како да се исплати или реализира самото бегство, рече Заев.

Од парламентарната говорница порача дека обвинителите и судиите не му должат никому ништо, ниту треба да учинат или да направат за некој нешто, треба да го исполнат тоа што граѓаните кои ги плаќаат очекуваат од нив, а тоа е, потенцира, да ја зголемат ефикасноста во својата работа, транспарентноста, да биде делењето на правдата еднакво за сите, од секој можен аспект, за да можеме да доживееме реформирано судство како трајна основа за сите други придобивки што народот ги очекува.