Заев: Во кој свет живее Иванов?

0
1531

Не знам сѐ уште во кој свет одредени луѓе живеат, а така ќе го прашам и претседателот Иванов, коментира премиерот Зоран Заев прашан дали има коментар за претседателот Ѓорге Иванов, кој кога беше прашан дали очекува апсење, неговиот одговор беше „ништо чудно“. Заев забележа дека е „срамно да дава коментари за вакви работи“

– Каде во светот, власта извршна апси, власта извршна истражува, власта извршна прави обвинителни акти или слично? Тоа е надлежност на Основното јавно обвинителство и на судството во Република Македонија. Веројатно бевме навикнати од претходната власт дека тоа е едно исто. Не е исто. Јас сум генерално против притвори, јас сум генерално за транспарентни процеси. Јас сум за помирувањето во Р.Македонија. Јас ги преземам чекорите, секако, со многу други чинители и од владејачкото мнозинство и од институциите на системот, и верувам дека во тој дух треба да продолжиме – рече Заев.

Премиер потенцира дека на сите во земјава преку глава им е поделбата на граѓаните и затоа мора, како што рече, да се сплоти општеството, но и да се обединат сите кон европската иднина на Македонија и НАТО, како заеднички стратешки определби. Но, додаде, исто така треба да се спроведат и најавените реформи, кои за граѓаните значат очекување за добар живот во Македонија.