Забрчанец: Владата нема намера да се рекламира себеси, но за да спроведеме вакцинација неопходна e кампањa за подигање на јавната свест

0
911

„Насоката во која што сакаме да ги движиме политиките е јасна, а тоа е здрав комуникациски етер, ние остануваме на нашата определба цврсто дека Владата не треба да ги троши народните пари за да се рекламира себеси и тоа нема никогаш да се случи, невозможно е, теоретска основа во моментов не постои да ние се вратиме во состојбата од пред четири години кога милиони евра на годишно ниво биле земани од буџетот, распределувани по медиуми со цел да се спроведуваат кампањи во коишто се величаат ликот и делото на лидерите, институциите итн.

За да немаме недоразбирање, прво не станува збор за никакво владино рекламирање или пак за рекламирање на институциите, не смее никој да помисли да дава државни пари на приватни медиуми за да медиумите известуваат за активностите на одредена институција коишто се регуларни, тоа е, се вика односи со јавност за тоа не треба да се плаќа.“- објасни Националниот координатор за стратегиски комуникации, Марјан Забрчанец, во интервјуто на Студио 10, на телевизија 24, одговарајќи на прашањето дека има реакции во јавноста за измена во Законот за аудио и аудио- визуелни медиумски услуги.

Тој објасни дека станува збор за потребата од кампањи за подигање на јавната свест кај населението, на пример за процесот на имунизација против коронавирусот.

„Во време кога вие имате процеси од типот на вакцинација, масовна акција со целото население, има ли друг начин освен преку кампањи за подигање на јавната свест, со сериозни комуникациски напори со сите чинители од општеството да обезбедите вакцинација на населението – го давам првиот најдиректен пример кој што се исправа пред нас.

Ако има промени ќе се направат исклучиво во соработка со вас како медиумски тела, како професионални здруженија, во соработка со медиумите, а исклучиво заради потребата од менување на одредени навики кај сите нас во смисла на јавната свест. Ако сакаме граѓаните да пријавуваат корупција, мораме да ги поттикнеме да пријавуваат, ако сакаме населението да се вакцинира мораме да спроведеме масовна јавна кампања заради потребата од вакцинација на населението. Ако има промени би биле во оваа насока, исклучиво по меѓународни стандарди, исклучиво по јасни критериуми“- дополни Забрчанец.

Ваквиот став се должи на фактот дека релевантните регионални анкети за имунизација покажуваат дека половина од населението во Северна Македонија се изјаснило дека нема да се вакцинира и дека верува во теории на заговор, а тоа е висок процент кој може да ја наруши ефикасноста на вакцинацијата. Оттаму, неопходна е камапања за на сите граѓани да им се објасни безбедноста на вакцините и неопходноста од имунизација.