ЖЕСТОКА реакција на Еврејската заедница: Срамно и монструозно е што Миленко Неделковски го негира Холокаустот

0
1325

Еврејската заедница во Република Македонија и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, изразува згрозеност, крајна загриженост и се навредени од антисемитските испади содржани во колумната „Еврејското племе“ од Неделко Миленковски, објавена на порталот „Дудинка“ на 13 март, во која се изнесени, као што велат, огромен број ноторни невистини, провизорни констатации, злонамерни измислици и говор на омраза со кои јавно се шири антисемитизмот.

„Како кулминација, врвен монструозен заклучок и срамен чин е негирањето на Холокаустот. Негирањето на вистината за Холокаустот претставува акција на измама и заблуда, а уште пострашен е фактот што наметнувањето на искривена вистина е достапно до јавноста.

Историјата на Евреите од Македонија од Стоби па натаму, вклучувајќи го огромнотошпанско наследство, населувањето во Отоманската империја, Илинденското востание, фашистичката бугарска окупација, Народно ослободителната борба, настаните од Холокаустот со депортацијата и крајот во Треблинка, и уникатните аспекти од локалната и регионалната историја, па сè до сегашното присуство на Евреите во Македонија со својот придонес во општествениот, економскиот, научниот, културниот и уметничкиот живот, претставуваат докажана нераскинлива врска меѓу македонскиот и еврејскиот народ.

Во времето на целосната морална пропаст за време на депортациите на нашите роднини, сограѓани и пријатели постоеја луѓе – Македонци, кои ризикувајќи ги сопствените животи, собраа исклучителна храброст да ги задржат човековите вредности – тоа се праведниците, спасители на Евреите.

Со години наназад Еврејската заедница во Република Македонија и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија претставуваат потврдени чинители во општественото живеење во Македонија и со посветеност и гордост го прифаќаат и негуваат своето еврејско минато и ја обликуваат еврејската и заедничката иднина.

Ве покануваме да го посетите Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија каде посветено работиме на зачувувањето на споменот на Холокаустот и развиваме едукативни програми на локално, национално, регионално и глобално ниво, вклучувајќи ја тука соработката со државните институции, граѓанскиот сектор и со македонското општество во целина.

Сеќавајќи се на жртвите на Холокаустот означуваме почеток, а не крај, преземајќи ја нашата одговорност кон поновата историја за трагедијата на жртвите на Холокаустот никогаш да не се повтори.

Повторуваме: Холокаустот е геноцид врз еврејскиот народ извршен систематски и легално, што претставува уникатен случај во историјата на човештвото.

Во деновите кога Еврејската заедница и Република Македонија ја чествуваме 73 годишнината од депортирањето на 98% од еврејското население во Македонија, остро се спротивставуваме на ширењето на антисемитизмот, негирањето на Холокаустот, дискриминацијата, расизмот, ксенофобијата, шовинизмот и ислученоста.

Затоа апелираме за јавна осуда и бараме искоренување на ваквите девијантни појави од сите чинители на општествениот живот“, стои во реакцијата на Еврејската заедница.