ПРВИОТ ЧОВЕК НА ПРИЛЕПСКАТА АДВОКАТСКА ЗАЕДНИЦА, ЖАРЕ СТЕВАНОСКИ : ВО ПРИЛЕП СНЕМА СУДИИ, НЕМА КОЈ ДА СУДИ, ПРЕДМЕТИТЕ ЗАСТАРУВААТ А СУДАТ САМО ПЕТ СУДИИ

0
650

Со пет судии моментално, од кои двајца за кривични предмети, а од март само со тројца судии, во прилепскиот суд ситуацијата се оценува како алармантна за нормалното функционирање. процесите ќе се одолговлечат и постои опасност од застарување на предметите, посебно кривичните.

Како што објаснува претседателот на судот Зоран Стеваноски, за ситуацијата е запознат Судскиот совет и се надеваат дека наскоро ќе се решава проблемот кој е не само за функционирање на институцијата, туку и за граѓаните. И другите судови се соочуваат со проблемот, но во прилепскиот ситуацијата е најтешка.

Ако кажеме дека лани прилепскиот Основен суд со Скопскиот суд 1 го делеше првото место според ажурноста, квалитетот и квантитетот на решените предмети, сега тешко дека може да се рече дека за брзо може да се решат случаите. Останаа пет судии, другите заминаа во пензија. Се соочуваме со недостиг од судии. Во судот годишно се решаваа 400 до 450 предмети и кривични, полнолетни. Во моментов сега предметите се исти, но ги работат малку судии што ќе се одрази на времетраењето на нивното решавање и постои опасноста од застарување. За ваквата состојба се запознати во републичкиот судски совет и се надеваме дека ќе донесат решение, вели Стеваноски.

Прилепскиот адвокат Жаре Стеваноски вели дека проблемот веќе почна да се чувствува.

И другите судови се соочуваат со овој проблем, но мора да признаам, не во овој обем како во прилепскиот Основен суд. Ситуацијата е алармантна. Проблемот веќе почна да се чувствува, поконкретно во постапувањето во конкретни предмети. Судењата се одлагаат за подолг временски период. Ако, претходно судењата се одлагаа за месец, сега се одлагаат за јануари, февруари наредната година. Ќе трпат штета и странките. Најверојатно Судскиот совет треба да изнајде соломонско решение за да се справи со ситуацијата. И да се доведеме до ситуација да се делегираат судии од другите судови, ќе се соочиме со друг проблем – тие судии може да работат на кривични предмети каде е казната до три години затвор. Така, за сите други предмети каде казната е над 3 години затвор, повторно прилепскиот основен суд се соочува со проблем и недостиг од кадар, вели адвокатот Жаре Стеваноски.

Според него, грешка беше што не се применија препораките од европската комисија. А ситуацијата е тешка и во обвинителството.

– Иако Судскиот совет ги имаше можностите да ги има превид препораките на европскиот суд за 2021 година, што предвидуваше спроведување акциски план за обезбедување човечки ресурси во правосудството и во јавното обвинителство. Да потенцирам дека и прилепското јавно обвинителство се соочува и исто таков проблем и може да се каже дека е уште поголем, зашто од 8-9 сега е сведено на двајца јавни обвинители кои, практично, се во неможност да ги извршуваат ниту постапките каде е предвидено итно постапување. Така што, голем број предмети во следните две години се подложни на застарување, посебно при кривичната постапка, смета прилепскиот адвокат Стеваноски.

Сите надежи се дека Републичкиот судски совет побрзо ќе го реши огромниот проблем од недостиг од судии.

Извор: прес24