Жан Митрев ја става Клиниката на располагање на државата за лекување од ковид-19

0
1209

Ја поддржувам секоја иницијатива за ставање на сите расположливи капацитети на располагање. Уште од самиот почеток на пандемијата во месец март, ние понудивме 40 болнички кревети за интензивна нега за потребите на државата, изјави д-р Жан Митрев по владината одлука за прогласување на кризна состојба и да се вклучат и приватните здравствени институции во справувањето со епидемијата предизвикана од ковид-19.

„Во меѓувреме, ситуацијата со бројот на ковид-пациенти ескалираше. Свесни сме дека состојбата е тешка и со месеци наназад, како во јавното здравство така и кај нас, имаме огромен притисок од пациенти. Нема слободен кревет и има листа на чекање, која секојдневно се зголемува“, вели академик Митрев.

Тој потенцира дека работат со полн капацитет и оти персоналот им е веќе преморен, а дел и во изолација.

„Моментално 80 кревети се пополнети и имаме над 30 пациенти, кои чекаат да добијат слободен кревет. Како се отпуштаат оздравените на дневно ниво, така се пополнуваат сите кревети. Бидејќи ситуацијата е навистина сериозна, јас и целиот свој тим се ставаме на располагање да помогнеме со нашето знаење и искуство, кое го имаме од третирање на најтешките форми на инфекциите од ковид-19“, изјави д-р Митрев.

Тој додава дека околу разработка на дополнителни детали стојат на располагање и очекуваат понатамошни насоки од надлежните.