Жан Митрев за „А1он“: Секој човек на 25 години одговара за своите постапки, тоа не е мој син

0
1632

Познатиот кардиохирург, Жан Митрев, во изјава за порталот „А1он“ вели дека обвинетиот Македонец за тероризам во Германија, Филан Митрев не е негов син.

Митрев и вчера и денеска дал две изјави за порталот „А1 он“ кој пренесува дека останува нејасно дали лекарот се откажал од неговиот син или во целост демантира каква било поврзаност со осомниченото лице.

„Тоа не е мој син. Случајно има исто презиме како моето“, изјавил Митрев вчера, по што на дополнително прашање денеска да објасни подетално тој одговорил: „Јас немам ништо со тоа. Секој човек на 25 години одговара за своите постапки. И тоа не е мој син!“.

Подоцна тој рекол и дека станува збор за „лажни вести“.

И „360 степени“ се јави во службата за односи со јавност на д-р Жан Митрев, но коментар до овој момент не добивме, иако ни беше најавено дека дополнително ќе бидеме контактирани.

Веста за обвинетиот терорист од Македонија, кој со уште две лица од Турција беше уапсен во ноември лани, го привлече вниманието на македонската јавноста откако на 2 септември започна судскиот процес во Германија, а германските медиуми пренесоа дека татко на Филан М., е сопственик на клиника за кардиохирургија во Македонија.

„Осомничениот влезе во судницата облечен според салафистички бизнис дрес-код. Со сива јакна, бела маица, долга и бујна брада која не може да ја покрие ниту една заштитна маска. Носеше црни панаталони и кожни обувки. Сликата ја заокружуваа металик-сребрените лисици. Филан М. ваква мода може да си дозволи, бидејќи неговиот татко е сопственик на клиника за кардиохирургија“, пишува во текстот на локалниот медиум „Франкфуртер Рундшо“ кој детално го опиша судскиот процес.

Филан пред неколку години ја променил својата вера и преминал во ислам, а германскиот медиум сега го опишува како радикален исламист припадник на салафисти-џихадисти.