Е, наши години

0
1391

Е, наши години… Во 1979 година Никола и јас бевме глумци. Во прва година гим­на­зи­ја учевме во ист клас во гимназијата “Никола Карев” во Скопје. И се погоди двај­ца­та да бидеме избрани да играме во драмската серија на ТВ-Скопје “Наши години”. Дру­жев­ме и на ТВ-сетовите и на школските одмори.
По­тоа нешто се случи, и станавме новинари. За среќа или за несреќа, сега веќе не сум па­ме­тен да просудам. Знам само дека од осумдесеттите до денеска ние бевме кон­ку­рен­ци­ја, ама се почитувавме. Тој беше во “Млад борец”. Јас бев во “Студентски збор”. Јас потоа се вработив во “Вечер”, а тој беше многу похрабар од мене. Го основа не­дел­ни­кот “Фокус”.
Чес­то­па­ти нашите ставови не се совпаѓаа. Често му забележував за некои постапки и тек­сто­ви. Ама не му се лутев. Затоа што Никола никогаш со колегите не играл валкано. Осо­бе­но не со тие што ги сметаше за колеги.
По­доц­на јас го предводев формирањето на “Вест”. И кога одлучи да го формира днев­ни­от “Фокус”, имаше човечност да ми каже дека ќе формира весник кој ќе ми биде кон­ку­рен­ци­ја. И – бидна. Старите школски другари и неостварени глумци повторно се најдоа на спротивставените страни на медиумскиот бизнис. Ама на истата страна на потрагата по вистината, возбудата што ја носи ударна насловна страница и хуморот кој води смет­ка да не ги повреди чувствата на луѓето.
Ни­ко­ла Младенов е еден од ретките новинари во Македонија за кого денеска вреди да се напишат неколку реда, дури и во вакви тегобни моменти. Затоа што беше новинар. За­тоа што беше единствениот новинар што живееше од новинарство и го градеше сво­јот семеен мир со немирот на професијата која ја одбрал. И затоа што со нас, кои сè уш­те сме доволно будали да сакаме да бидеме новинари, играше чесно и настапуваше со по­чит. Пред неколку недели, кога ги пуштија партиските новинарски кучиња да ме лаат, тој јавно ме фалеше. Не успеав да му се јавам да му се заблагодарам.
Не­ма зборови на утеха за неговите најблиски. И немам намера да се трудам да ги уте­шам. Тие си знаат како им е. Но имам една порака до неговите две ќеркички. Пораката не е колегијална. Пораката е другарска. Чувајте ги неговите примероци на “Млад бо­рец”, предвесникот на македонската демократија. Чувајте ги храбрите насловни на не­дел­ни­кот “Фокус”. Чувајте ги дневните изданија на “Фокус”, со кои знаеме дека имаше мно­гу проблеми. Имате со што да се гордеете.

Пишува : Горан Михајловски

Извор : СакамДаКажам