ЕПА АЈ НЕКА Е СО СРЕЌА, МАФИЈА НА РОБИЈА: ИСТРАГАТА ЗА „ИМПЕРИЈА“ НА КАМЧЕВ И МИЈАЛКОВ СЕ ПОМРДНА ОД МЕСТО, ДОКАЗИТЕ ЗА ДВИЖЕЊЕ НА ПАРИТЕ ОТИДОА НА ВЕШТАЧЕЊЕ

0
1153

Истрагата е отворена на 8.11.2018 година и ова е прво финансиско вештачење на предметот. – Осомничените Орце Камчев, Сашо Мијалков и Цветан Панделески (Фото:СДК.МК)

Истрагата „Империја“ во која бизнисменот Орце Камчев е првоосомничен за Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело, мрдна од мртва точка по повеќе од цела година. Како што дознава САКАМДАКАЖАМ.МК целата документација, сите собрани докази за движење на незаконски стекнатите пари, биле испратени на материјално-финансиско вештачење кај експерти во повеќе државни институции.

Истрагата е отворена на 8.11.2018 година и ова е прво финансиско вештачење на предметот, велат нашите извори. Од она што беше кажано во поранешното СЈО, пред да се закочи таму овој предмет, со овие кривични дела Буџетот бил оштетен околу 15 милиони евра. Но, точните суми ќе ги пресметаат сепак финансиските вештаци, велат во Обвинителството за организиран криминал и корупција.

Истрагата ја води обвинителката Лиле Стефанова. По трансферот на овој предмет од СЈО во ОЈО за организиран криминал и корупција, шефицата Вилма Русковска во „Империја“ ја вклучи и обвинителката Гордана Смаќоска. Покрај Камчев, во оваа истрага осомничени се и Сашо Мијалков, Цветан Панделески, Ненад Јосифовиќ и уште десетина лица.

Под притисок на јавноста, Стефанова во февруари лани презентираше до каде е „Империја“, додека главните осомничени беа во притвор. Презентираше шема за која рече дека е поткрепена со материјални докази, во чие собирање помогнале и меѓународни обвинители и со документи за офшор компаниите кои биле основачи на бројни фирми во Македонија. Тогаш таа кажа дека СЈО има и изјави од сведоци за сето тоа да се поткрепи. Прикажа како преку тие фирми основани овде од офшор компаниите, се переле милионски суми пари. Рече дека предистражни дејствија има за нови фирми кај што осомничените лица се јавуваат како крајни сопственици. Дел од нив биле формирани по 2015 година, односно по објавувањето на бомбите од тогашната опозиција.

Без оглед каков статус Собранието ќе изгласа за СЈО, предметот „Империја“ во 90 отсто ги прибави доказите, тврдеше тогаш СЈО.

Но, веднаш потоа Врховниот суд ги запре сите истраги, меѓу кои и оваа за „Империја“. Паралелно, почнаа преговорите за нов закон за Јавно обвинителство и за статусот на СЈО. „Империја“ оттогаш се закотви во место, сè до минатата недела кога Русковска го испратила предметот на вештачење кај експерти од финансиските државни институции.

Во меѓувреме, Јанева е првостепено осудена на 7 години затвор за злоупотреба на службената положба и овластувањата токму за „Империја“, по пријава на главниот осомничен Орце Камчев.