ЕВРОПСКИОТ ВОЗ СИНОЌА СТИГНА НА ЖЕЛЕЗНИЧКАТА СТАНИЦА ВО СКОПЈЕ, ГО ПРЕЧЕКАА ДИПЛОМАТИ И ПОЛИТИЧАРИ

0
835

Европскиот воз тргна од Лисабон на втори септември, а крајната дестинација му е Париз, на 7 октомври. (Фото: СДК.МК)

Под мотото „Иднината е во железницата“, вечерва во 22 часот на Железничката станица во Скопје пристигна Европскиот воз и тој ќе преноќи тука, пред утре да го продолжи патот кон Атина. Го пречекаа дипломати предводени од евроамбасадорот Дејвид Гир и политичари. Официјален домаќин на настанот е директорот на ЈП Македонски железници – Инфраструктура Хари Локвенец.

Железничката станица беше осветлена во сино. Локвенец на патниците од Европа им ги кажуваше плановите за развој на Железницата, еден од најзапустените видови сообраќај кај нас и најслаба област во стопанството. А железницата на територијата на земјава датира од 1873 година.

Европската Унија ја одбележува 2021 како „Година на железницата“. За време на 36-дневното патување низ 26 земји, низ разни манифестации железничкиот сообраќај се промовира како еден од најодржливите, најбезбедни и иновативни начини на транспорт.

Со возот пристигна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, кој денес учествуваше на Меѓународниот самит посветен на развојот на железницата во земјите на Западен Балкан во Белград. На самитот беше потпишан документот „Посветеност на Железницата“, со кој се планира изградба на модерна дигитализирана железничка мрежа, со директни експресни возови кои ќе ги поврзуваат градовите во регионот.

„Наша заедничка цел е железничкиот транспорт да биде подеднакво развиен како и во земјите на Европската Унија и да биде признат и препознат како побрз, безбеден и еколошки транспорт. За таа цел, ќе се работи на изградба на коридорите 10 и 8“, рече денеска Бочварски.

Особен акцент додаде вечерва тој, се става на изградбата на пругата Коридор 8, на источниот крак кон Бугарија. Коридорот 10 е кон Грција. И таа пруга се гради со европска помош.

Европскиот воз тргна од Лисабон на втори септември. Крајната дестинација му е Париз, на 7 октомври.