Европа мора да биде подготвена да ги казни македонските лидери

0
1349

Ви пренесуваме дел од колумната на Ерван Фуере за „Призма“ и „Балкан инсајт“:

Нивото на згрозеност во земјата од однесувањето на Претседателот и од владејачката партија по објавувањето на прислушуваните разговори, јасно се огледува во спонтаните демонстрации на граѓани од целата земја што се одржаа минатата недела и во петициите кои ги потпишаа повеќе од 70 граѓански организации.

Овој излив на бес на граѓаните на Македонија треба да ја убеди меѓународната заедница дека обидот за крпење на политичкиот договор којшто се држи само на дискредитирано лидерство, не е ниту одржлив, ниту пак, во долгорочен интерес на земјата.

Овие демонстрации се одраз на едно ново чувство на зајакнување коешто претходно беше потиснувано од авторитативните стеги на режимот. ЕУ треба да го охрабрува овој развој на настаните, што може да придонесе кон некаков вид политика на консензус во општество што е длабоко поделено од страв и од политики на заплашување што ги одбележаа изминатите години. Вклучувањето на овие нови сили ќе обезбеди поголема одговорност од страна на лидерите на земјата на подолг рок.

Поддршката треба да биде јасно изразена во секоја пригода и при секоја комуникација со лидерите на земјата. Гласот на граѓанското општество треба да се слушне, не отпосле, како што, за жал, тоа честопати е случај туку како интегрален дел од решението за кризата.

Што се однесува до излезот од кризата, не треба да се има сомнеж дека уште многу треба да се направи за да се создадат услови за кредибилен изборен процес. Одржувањето избори на 5 јуни би било политички самоубиствено. Ако ЕУ дозволи да се случи тоа во овие околности, тоа би било крајно сериозна грешка.

Наместо тоа, ЕУ, заедно со САД, треба во првата можна пригода да ги разгледа сите точки, една по една, од таканаречениот Извештај на Прибе и Итните реформски приоритети, кои се интегрален дел од Договорот од Пржино и да му укаже на политичкото лидерство на сите потфрлања во одредените чекори и во спроведувањето на многуте критични препораки.

Треба да им се стави јасно на знаење на политичките лидери, почнувајќи од владејачката партија, дека мора целосно (наместо „значително”, термин што го искористи комесарот Јоханес Хан неодамна) почитување и спроведување на Договорот од Пржино, а особено да му се дозволи на Специјалното јавно обвинителство непречено да ја продолжи својата работа. Треба и да им се стави јасно на знаење дека во спротивно ќе има казнени санкции. Од неодамнешното искуство знаеме дека ЕУ не смее да ги зема здраво за готово ветувањата на владејачката партија, бидејќи се покажа дека таа ретко ги исполнува.

И додека земјата тоне длабоко во провалија, ЕУ мора да заземе поцврст став за да ја натера владејачката партија да понесе одговорност. Треба да биде и подготвена да овозможи напори за медијација која ќе биде повеќе од спорадични средби меѓу лидерите и на секој чекор да упатува закани со санкции, доколку не се почитува договореното. Владејачката партија разбира само ваков јазик.

Жално е тоа што ЕУ ја откажа средбата меѓу лидерите закажана за во Виена без веднаш да ја замени со планирана средба во Македонија. ЕУ треба итно да закаже средба на високо ниво на која ќе присуствуваат политичките лидери. Дијалогот со граѓанското општество треба да биде интегрален дел од овој процес. Секој вакуум во напорите за медијација само придонесува кон бетонирање на местото на Владата и владејачката партија која ќе продолжи да ја шири својата пропагандна машинерија за дискретирање на граѓанските протести.

Речникот со кој се разгоруваат страстите, којшто го користат медиумите поддржани од владејачката партија и којшто се користи на социјалните мрежи, а против граѓанското движење и протести е карактеристичен за режим кој користи очајнички методи да ја задржи власта. Веќе постојат индикации дека владејачката партија ќе ги искористи сите можни средства да ги ограничи активностите на граѓанските организации кои ги смета за „непријатели на државата”, дури ќе го искористи и Уставниот суд, којшто очигледно е под контрола на власта.

Гласот на граѓаните на Македонија не може повеќе да се игнорира. Тие се неволни жртви на оваа долга криза. Тие заслужуваат да бидат слушнати по години на заплашувања и на газење на нивните права од страна на власта.

Целата колумна прочитајте ја на македонски на „Призма“ или на англиски на „Балкан инсајт