ЕВЕ ГРУЈО ШТО НИ ОСТАВИ ВО НАСЛЕДСТВО – КАТАКЛИЗМИЧНО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ НА ММФ ДО МАКЕДОНСКАТА ВЛАДА: Или намалете ги пензиите или качете ја старосната граница, ќе банкротирате со 10 посто дупка во фондот за пензиско!

0
1231

Потребно е возраста за пензионирање да се доведе во согласност со земјите од Европската унија за да може Фондот за пензионско и инвалидско осигурување во Македонија да биде одржлив, препорачуваат од Меѓународниот монетарен фонд.

– Имате дефицит во пензискиот фонд од 4,5 отсто, но со оглед на тоа дека населението старее се очекува овој процент да се зголеми до 10,5. Ова, секако не е одржливо и нешто мора да се смени. Ако ги гледаме придонесите што се плаќаат за пензиско осигурување и возраста на која се пензионираат луѓето, тие се пониски во однос на земјите од ЕУ и пензискиот фонд за да биде одржлив потребно е возраста на пензионирање да се доведе во согласност со земјите од ЕУ – изјави денеска во Скопје шефот на Меѓународниот монетарен фонд за Македонија, Џасмин Рахман.

Потребно е, според неа, да се врши усогласување на висината на пензиите само според инфлацијата, а не по 50 отсто според трошоците на живот и платите. Препорачува да се затворат и дупките во законите кои овозможуваат чести пензионирања на помлади лица.

– Во последните години имавте зголемување на бројот на пензионери и се очекува тој тренд да продолжи и затоа мора да се преземе нешто – вели Рахман.

Таа смета дека она што треба Македонија да го направи за да ги задржи младите во државата е да создаде добра бизнис клима и повеќе работни места.

-Потребни се реформи во институциите и во образованието за вештините кои ги стекнуваат луѓето во текот на образовниот процес бидат соодветни на работните места кои се отвораат – вели Рахман.

За Македонија да постигне поголем економски раст, од ММФ велат дека се потребни директни странски инвестиции, силна економија, структурни реформи во управувањето и правото и транспареност на институциите.

– Имате висока стапка на миграција во развиените земји и затоа потребно е да се подобрат јавните институции за да се задржат стручните работници во државата. Имате и една од највисоките стапки на невработеност во Европа и затоа потребни се реформи пред се поголема отвореност на пазарот, пониски даночни стапки и инвестирање во образованието – нагласи Рахман.

Според заменик главниот директор на ММФ, Тао Џанг, добар моментум за Македонија е стабилизирањето на политичката ситуација, а за целиот регион смета дека е важно тој да остане отворен и да ги зајакне врските со најголемите трговски партнери.