ЕВЕ ГИ ДЕТАЛИТЕ ЗА СЛУЧАЈОТ ТРЕЗОР: Високи функционери во УБК и МВР преку фирмата на Коста Крпач од буџетот исцицале 862 илјади евра!

0
1856

Специјалното јавно обвинителство денеска го претстави случајот „Трезор“ кој се однесува на груба злоупотреба на средствата од буџетот на Република Македонија.

Во прилог ви го пренесуваме новиот случај на СЈО кој го презентираше обвинителката Фатиме Фетаи:

Паричните средства за кои ќе стане збор се средства на сите граѓани на Република Македонија, кои Вие секојдневно ги одделувате по разни основи од вашите примања и ги доверувате на владеачките елити за да креираат посигурно и попросперитетно општество за Вас и Вашите поколенија.

Наместо тоа, од доказите во предметот кој ќе Ви го презентирам произлезе основано сомнение дека таквите средства преку злоупотреба на службената положба на определени носители на функции, преку оштетување на буџетот, биле искористени за други цели, конкретно како имотна корист-лично богатење, што е казниво согласно Кривичниот Законик.

Во овој момент истрагата се отвара поради основано сомнение дека со дејствијата на три раководни лица од УБК при МВР на РМ и на едно раководно лице при МВР на РМ е прибавена имотна корист на, од скоро добро познато правно лице, регистрирано во РМ под името Финзи ДООЕЛ Скопје, во вкупен износ од 53.015.794,00 денари или 862.045 евра и за истиот износ е сторена директна штета на буџетот на Република Македонија.

Овој предмет во СЈО се води под името „Трезор“

Најнапред, напоменувам дека се работи за истражна постапка и во овој момент постои основано сомнение за она што ќе биде изнесено и во оваа насока потенцираме дека секое лице се смета за невино, се додека со правосилна судска пресуда не се докаже спротивното.

Истрагата, во овој момент опфаќа две точки со кривично-правни дејствија и таквите ќе ви ги презентирам посебно, со поединечен износ на корист и штета, иако вкупната корист и штета за која постои основано сомнение дека е прибавена, односно направена, е онаа која ја наведов на почетокот на излагањето.

Имено, од доказите прибавени во текот на предистрагата произлезе основано сомнение дека во временскиот период од месец јули 2010 година до крајот на 2012 година, првите три осомничени лица, заедно ја искористиле службената положба и овластување и за правното лице ,,Финзи,, ДООЕЛ Скопје прибавиле имотна корист која надминува значителна вредност во вкупен износ од 35.488.294,00 денари или 577.045 евра и нанеле имотна штета на средствата на Буџетот на Република Македонија, која надминува значителна вредност во наведениот износ. За четвртоосомничениот постои основано сомнение дека како службено лице со умисла им помогнал во реализацијата.

Доказите упатуваат дека прво, второ и третоосомничениот со цел да набават опрема за потребите на МВР- УБК, во име на УБК на РМ во Велика Британија во временскиот период од 07.07.2010 година до 09.07.2010 година оствариле состанок со претставниците на правно лице од Велика Британија и договориле набавка на електронска и комуникациска опрема и обука за користење на опрема од тоа правно лице, а за потребите на петтата управа при УБК. Третоосомничениот учествувал во дефинирање на техничките спецификации на опремата.

Меѓутоа, наместо опремата да биде набавена директно од правното лице од Велика Британија, како најекономичен, односно најефтин начин на набавка, според доказите, со цел да прибават имотна корист за правното лице ДТУ ,,Финзи,, ДООЕЛ Скопје договориле истата да се изврши преку правното лице ДТУ ,,Финзи,, ДООЕЛ Скопје, каде како Управител од 19.08.2009 година до 03.02.2011 година, било лице кое е во крвно сродство со третоосомничениот, а како основач е запишано правното лице Финзи ДОО од САД.

Постои основано сомнение дека откако го договориле начинот, условите и цената на набавката на опремата, прво и второосомничениот по враќањето во Република Македонија усно му наложиле на сведокот, кој е вработен во МВР, да започне со постапка за набавка на опрема од правното лице ДТУ ,,Финзи,, ДООЕЛ Скопје и истата да се спроведе без примена на условите предвидени во Законот за јавни набавки.

Според доказите, на ден 24.11.2010 година, сведокот доставил писмена покана до ДТУ,, Финзи,, ДООЕЛ Скопје за да истото достави понуда за набавка. Врз таа основа правното лице ДТУ,,Финзи,, ДООЕЛ Скопје до МВР доставило понуда со спецификации, со планирана динамика за испорака на бараната стока, како и тренинг и подршка на опрема од производителот од Белика Британија со вкупна вредност на понудата во износ од 124.293.233,00 денари, со вклучен ДДВ.

Инаку, според доказите правното лице ДТУ,,Финзи,, ДООЕЛ Скопје е основано во 18.08.2009 година, од правно лице од САД. До крајот на 2010, кога му е доделена работата од МВР за набавка на предметната опрема, единствено што работел овој правен субјект е што има зголемување на основната главнина со 650.000 евра паричен влог. Овие средства се префрлени од сметката на Финзи САД, кој била отворена на Кипар, на сметката на Финзи ДООЕЛ Скопје. Потоа истите средства се префрлаат како влог во правното лице Си-фи кар (Систина – Финзи Кардиологија).

По ваквата понуда, од страна на службите на Управата за безбедност и контраразузнавање е изготвен договорот за купопродажба помеѓу МВР на РМ и ДТУ ,,Финзи,, ДООЕЛ Скопје, и на ден 26.11.2010 година веќе е склучен Договор за купопродажба, со вкупна вредност на договорот од 124.293.233,00 денари со вклучен ДДВ.

Овој договор, склучен два дена после поканата за понуда од МВР до Финзи опфаќал купопродажба на електронска и комуникациска опрема и обука за користење на опрема од производителот од Велика Британија, со утврден начин на плаќање.

Според доказите произлезе основано сомнение дека откако правното лице ДТУ ,,Финзи,, ДООЕЛ Скопје извршило увоз на опремата од правното лице од Велика Британија и од страна на тоа правно лице со увозот биле доставени и фактурите за опремата до Финзи, на вкупен износ од 89.322.845,00 денари или 1.452.403 евра, истата опрема ДТУ ,,Финзи,, ДООЕЛ Скопје, ја префактурирала спрема МВР, на вкупен износ од 124.293.233,00 денари со ДДВ или 2.021.028 евра, и така ја препродала опремата на МВР на РМ.

Целиот износ со ДДВ од страна на МВР на РМ е исплатен на сметка на ДТУ ,,Финзи,, ДООЕЛ Скопје. Од ова произлегува основано сомнение дека со дејствијата на осомничените, за правното лице ДТУ ,,Финзи,, ДООЕЛ Скопје прибавиле имотна корист која надминува значителна вредност во вкупен износ од 22.265.449,00 денари или 362.039 евра и нанеле имотна штета на средствата на Буџетот на Република Македонија, која надминува значителна вредност во наведениот износ.

Овој износ претставува разлика помеѓу набавната вредност без ДДВ на ДТУ “ Финзи “ од правното лице од Велика Британија и продажната вредност без ДДВ од ДТУ “ Финзи “ спрема МВР.

Од доказите произлезе дека овие дејствија продолжиле и во 2011 година. Во месец Декември 2011 година, од страна на прво и второсомничениот, усно му е наложено на сведокот дека УБК на МВР има потреба од набавка на дополнителна опрема од ДТУ ,,Финзи,, ДООЕЛ Скопје.

Од страна на службите на УБК изготвен е Анекс кон договорот и на 23.12.2011 година, помеѓу МВР на РМ застапувано од сведокот и правното лице ДТУ ,,Финзи,, ДООЕЛ Скопје, претставувано од тогашниот управител, сега починатиот Коста Крпач, склучен е анекс на договорот за купопродажба на дополнителна опрема во вкупна вредност од 49.265.246,00 денари.

Правното лице ДТУ ,,Финзи,, ДООЕЛ Скопје, изготвило ф-ра на износ од 35.695.030,00 денари со вклучен ДДВ, па иако опремата наведена во врска со анексот по вид и по количина делумно е различна од спецификацијата во прилогот на анексот, сепак износот е целосно исплатен од страна на МВР на РМ.

Во текот на месец Јуни 2012 година, постои основано сомнение дека од страна на второосомничениот е изготвен допис-барање до Сектор за финансиски материјално технички и логистички работи при МВР на РМ и истиот е даден на потпис на четвртоосомничениот, кој, без да има овластување, спротивно на чл.2 од Правилникот за систематизација на работните места во Управата за безбедност и контраразузнавање, ставил своерачен потпис и печат на барањето за доопремување на системската единица за подвижен видео надзор.

Таквото барање помогнало да се склучи и вториот анекс на основниот договор, па на 09.07.2012 година склучен е вториот анекс помеѓу МВР на РМ застапувано од сведокот и правното лице ДТУ ,,Финзи,, ДООЕЛ Скопје претставувано од тогашниот управител Коста Крпач, со вкупна вредност на анексот од 3.432.309,00 денари.

Сепак, од страна на ДТУ ,,Финзи,, ДООЕЛ Скопје е изготвена ф-ра на вкупен износ од 17.580.921,00 денари, што е повеќе од пет пати повисок износ од вредноста во анексот. Иако опремата наведена во фактурата делумно е различна од барањето за доопремување и понудата за склучување на анексот кон договорот, сепак износот од 17.580.921,00 денари е целосно исплатен од страна на МВР на РМ.

Со овие дејствија постои основано сомнение дека осомничените за правното лице ДТУ ,,Финзи,, ДООЕЛ Скопје прибавиле имотна корист која надминува значителна вредност во вкупен износ од 13.222.845,00 денари или 215.005 евра и нанеле имотна штета на средствата на буџетот на Република Македонија, која надминува значителна вредност во наведениот износ. Овој износ претставува разлика помеѓу набавната вредност без ДДВ на ДТУ “ Финзи “ од производителот во Велика Британија и продажната вредност без ДДВ од ДТУ “ Финзи “ спрема МВР.

Ова е првата точка од истрагата, со кои дејствија постои основано сомнение дека прво, второ и третоосомничениот сториле кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 в.в. со ст.3 в.в. со ст.1 в.в. со чл.22 од КЗ, а четвртоосмничениот дека сторил кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 в.в. со ст.3 в.в. со ст.1 в.в. со чл.24 од КЗ.

Понатаму во кратки црти ќе ви ја изнесам и втората точка во која се опфатени кривично правни дејствија за кои постои основано сомнение дека ги сториле тројца од осомничените од првата точка.

Имено, постои основано сомнение дека во временскиот период од месец јули 2014 година до крајот на 2015 година во Скопје, првоосомничениот и второосомничениот, заедно, ја искористиле службената положба и овластување и за правното лице ,,Финзи,, ДООЕЛ Скопје прибавиле имотна корист која надминува значителна вредност во вкупен износ од 17.527.500,00 денари или 285.000 евра, и нанеле имотна штета на средствата на буџетот на Република Македонија, која надминува значителна вредност во наведениот износ. За четвртоосомничениот постои основано сомнение дека како службено лице со умисла им помогнал во реализацијата.

Доказите упатуваат на основано сомнение дека прво и второсомничениот со цел да прибават имотна корист за ДТУ “ Финзи “ ДООЕЛ Скопје, иако немало потреба за одржување на електронската и комуникациската опрема, се договориле да се направи барање како да има потреба за одржување на истата.

Второсомничениот изготвил допис-Барање кое му го предал на четвртоосомничениот, за да истиот на 17.07.2014 година без да има законски овластувања своерачно го потпишал и го доставил до службата на МВР за реализација.

Според доказите, со наведениот допис се посочува дека заради наводна целосна реализација на проектот со набавката на електронска и комуникациска опрема од Велика Британија, а воедно и непречено и успешно функционирање на опремата, било потребно да продолжи одржувањето на опремата од производителот од Велика Британија и истата да биде редовно одржувана, сервисирана, надградувана со поддршка на хардвер, софтвер и лиценца на севкупната опрема, а во име на производителот да продолжи да ја врши правното лице ДТУ ,,Финзи,, ДООЕЛ Скопје.

Постои основано сомнение дека опремата од основниот договор и анексите била нефункционална, поради хардверска и софтверска застареност, и целосно истечен рокот на лиценците, но тоа не било пречка со дописот да се побара правното лице Финзи да продолжи со одржување на таквата опрема.

Инаку од доказите произлегува дека книговодствено оваа опрема во МВР е евидентирана со вредност од 1 денар, а договорот за одржување е на приближно 30.000 евра месечно.

Од страна на сведокот до правното лице ДТУ ,,Финзи,, ДООЕЛ Скопје доставена е покана за поднесување на понуда, а на 09.02.2015 година од страна на ДТУ ,,Финзи,, ДООЕЛ Скопје до МВР на РМ е доставена техничка понуда со прилог техничка спецификација за целосно одржување, сервис и надградба на опрема, за временски период од две години, како и сертификат во фото копија издаден на 15.06.2014 година од правното лице од Велика Британија, со важност до 14.06.2015 година, иако според доказите таков сертификат не е издаден од тоа правно лице.

Постои основано сомнение дека на 03.03.2015 година, помеѓу МВР на РМ, застапувано од сведокот и правното лице ДТУ ,,Финзи,, ДООЕЛ Скопје, застапувано од одговорното лице Коста Крпач е склучен Договор за извршување на услуги за редовно одржување, сервисирање, надградување и поддршка на хардвер, софтвер и лиценци на севкупните системи и опрема од производителот од Велика Британија на принцип на целосно каско одржување.

Од доказите произлезе дека врз основа на овој договор МВР се обврзува на ДТУ ,,Финзи,, ДООЕЛ Скопје да му исплаќа авансен месечен паушал, по претходно доставена месечна про-фактура во износ од по 1.947.500,00 денари без ДДВ, со вкупна вредност на договорот од 46.740.000,00 денари без ДДВ.

Од ова постои основано сомнение дека со, погоре наведените дејствија осомничените за правното лице ДТУ ,,Финзи,, ДООЕЛ Скопје, иако истото не ја извршило услугата, бидејќи немало технички и човечки капацитети, ниту пак имало потреба од таква услуга, поради нефункционалност и хардверска и софтверска застареност и целосно истечен рокот на лиценците издадени од производителот, прибавиле имотна корист која надминува значителна вредност во вкупен износ од 17.527.500,00 денари или 285.000 евра и нанеле имотна штета на средствата на Буџетот на Р М која надминува значителна вредност во наведениот износ.

Овој износ претставува исплатен авансен деветмесечен паушал, заклучно со месец декември 2015 година, за да непосредно по смртта на управителот на Финзи, еднострано, од страна на МВР е раскинат договорот.

Со овие дејствија, од втората точка од истрагата постои основано сомнение дека прво и второосомничениот сториле кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 в.в. со ст.3 в.в. со ст.1 в.в. со чл.22 од КЗ, а четвртоосмничениот дека сторил кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 в.в. со ст.3 в.в. со ст.1 в.в. со чл.24 од КЗ.

Од досега прибраните докази за предметот „Трезор“, а со кои ова Обвинителство располага, може јасно да се извлече заклучокот дека постои основано сомнение дека инволвираните ги сториле предметните дела.

Во конкретниот случај, за сите осомничени од судот ќе биде побарана соодветна мерка за обезбедување на нивно присуство во постапката. Воедно, од судот ќе бидат побарани и мерки за привремено замрзување на имот.

Почитувани! Парите, како и вистината, се како шило. Ова обвинителство ќе вложи максимални напори, секој кој злоупотребил народни пари, да седне на обвинителна клупа и да ги врати парите.