ДУИ ПАК ПРОСЛАВУВА СО ПУКАЊЕ, ЗАЕВ ГИ ИСКАРА И ПОБАРА ДА НЕ СЕ ПОВТОРИ

0
576

Владејачката албанска партија, Демократска унија за интеграција продолжува да прославува со пукотници. Алијансата за Албанците вчера на нивната Фејсбук страница објави видео на коешто се слуша пукање од огнено оружје на отворањето на изборниот штаб на ДУИ во Чаир од пред неколку дена.

На отворањето присуствувале вицепремиер Артан Груби, актуелниот градоначалник и кандидат за втор мандат во Чаир, Висар Ганиу и пратеникот, потпретседател на ДУИ и ексградоначалник на општината, Изет Меџити, а пукањето се случува токму на неговиот говор.

Од Министерството за внатрешни работи кратко само велат дека се работи на расчистување на случајот, но не кажуваат ниту дали има осомничени, ниту дали има приведени за инцидентот. Премиерот Зоран Заев денеска го осуди инцидентот и побара одговорност за тоа што се случувало на прославата што ја организирале од коалициската партија.

-Без разлика за кого се работи ова е недозволиво. Не знам која била намерата, ако некој мисли дека така привлекува гласови се лаже. Тоа одвраќа гласови. Демонстрацијата на сила, мускули и не знам што, па и пукање во воздух е навистина недолично за земја аспирант за членство во ЕУ и на крај не е прагматично добро. Јас јавно му кажав и на министерот за внатрешни работи да се постапува по сите случаи, не ме интересира кој е, секој да си одговара, поради тоа што ова не смее да се повтори, рече Заев.