Драган Тевдовски: Во економијата ништо не е дадено здраво за готово

0
1780

Професорот Драган Тевдовски од Економскиот факултет е еден од четворицата добитници на наградата за најдобар научник на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Тевдовски го доби признанието за врвни резултати во општествените науки. Тевдовски на додипломски студии предава статистика за бизнис и економија, а и квантитативни методи во финансии; на постдипломски студии анализа на временски серии. Тој одговара за „Утрински“ на неколку прашања за мотивацијата да стане економист и кои научници и теории се инспирација за неговата работа.

1. Што изврши големо влијание врз Вас за да станете економист?

Изборот да се биде економист не беше линеарен. Во средношколските денови сакав да станам фудбалер. Играв за младинската школа на ФК „Вардар“ и за кадетската репрезентација на Македонија, но супер ми одеше и училиштето. Бев одличен ученик во гимназијата „Корчагин“. Затоа мојот план беше да студирам на Медицинскиот факултет. Мислев дека медицината со спортот ќе биде добра комбинација. Дури и учев биологија и слично за приемниот испит на Медицинскиот факултет.

Да студирам економија се одлучив на две недели пред приемниот испит, пред се’ за да можам паралелно со студирањето да играм фудбал. Mислев дека студирањето медицина ќе ме оневозможи да одам редовно на тренинзи. Го положив приемниот испит по математика со максимум поени и почнав да навлегувам во тајните на економијата. А дури во третата година на факултет бев сигурен дека сум го направил вистинскиот избор. Почнав да уживам во економијата. Ми се допаѓаше ширината на гледање на работите во општеството, но и комбинацијата на економијата и математиката. Тогаш го напуштив фудбалот и целосно се посветив на економската наука. Потоа коцките уште еднаш добро се измешаа, па од 2002 година започнав да работам како асистент на Економскиот факултет – Скопје, а во 2006 година магистрирав статистичка анализа на Економскиот факултет во Белград.

2. Кој економист најмногу Ве инспирира за да сте предадени на професијата?

Мојата главна инспирација се студентите. Нивната позитивна енергија прави секој ден да одам среќен на работа. Мислам дека нема поубава работа од тоа. Да го работите тоа што го сакате во околина со свеж и напреден дух. Тоа и ме натера да почнам да се борам за промени во општеството. Мислам дека луѓето кои предаваат на факултетите не смеат да ги премолчуваат неправдите и лошите страни во општеството. Нивната задача не е само да кажуваат лекции од учебници, туку навистина да се борат за промени кои ќе донесат подобар живот на генерациите на кои им предаваат.

3. Дали има некои дела во економијата што посебно ги обожавате и им се навраќате? 

Со задоволство ги читам и класичарите и кејнзијанците. Убавината на економијата е дека ништо не е дадено здраво за готово. Економијата е емпириска наука. Ние речиси и да не правиме контролирани експерименти. Процесите кои ги набљудуваме се случуваат само еднаш во реалноста и врз нив влијаат мноштво фактори. Затоа книгата на која веројатно најмногу пати сум и’ се навратил е „Основи на економетријата“ од Гуџарати. Таа на многу разбирлив начин ги објаснува основите на статистичкиот инструментариум кој се користи во економијата.

4. Кој економист влијаеше најмногу врз Вашата работа во смисла на иновации или нови методи за истражување?  

Без дилема, на мојот академски развој најголемо влијание има професорот Славе Ристески. Тој ми беше најголема поддршка во сите овие години. Имав среќа што покрај мене секојдневно беше искусен професор кој постојано ми даваше искрени и добронамерни совети.

Сериозно влијание на мојата работа имаа и професори кои ги среќавав на студии или престои надвор од Македонија. Така, за време на постдипломските студии во Белград, од Срѓан Богосављевиќ учев како методите што беа презентирани во книгите се спроведуваат во вистински истражувања. Џорџ Жабур, при специјализацијата на Универзитетот „Џорџ Вашингтон“ во САД, ми помагаше подетално да навлезам во финансиските методи и модели. А веројатно најголем напредок остварив при постдокторскиот престој во Центарот за економетриски истражувања (CREATES) во Данска. Таму, во една извонредно креативна средина, имав можност да соработувам со познати економисти од светот.

5. Дали работата на некои други научници во други сфери Ве инспирира?

Од средношколски денови постојано ме интересира психологијата. Дури во првите години од студиите имав обичај паралелно со подготвувањето испит од економија, да читам некоја книга од психологија, за да ми биде интересно. Сега уживам читајќи трудови од областа на новиот правец во економијата – бихејвиористичката економија. Еден од неговите основоположници е Даниел Канеман. Тој доби Нобелова награда по економија, иако е психолог. Одлична е неговата книга „Мислење брзо и бавно“.

6. Кој универзитет го сакате најмногу поради неговата организација и посветеност на науката?

Досега имам посетено сигурно повеќе од 50 универзитети во светот, преку студиски престои или конференции. Ако треба да издвојам еден универзитет, тоа би бил Универзитетот Беркли во Калифорнија, САД. Од неколку причини, а еве барем три. Прво, Беркли е јавен универзитет (не е приватен), а сепак е еден од најдобрите во светот. Второ, тоа е универзитет со најкосмополитскиот кампус во светот каде што можете да сретнете многу луѓе со отворен ум. Трето, тука се случуваат познатите студентски протести за слобода на говорот во седумдесеттите години на минатиот век. Сепак, јас имам само еден дом. Тоа е Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Тука пораснав и ми се случија најубавите работи во животот. Мојата порака е дека мора да го чуваме и развиваме Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Со својата 67-годишна традиција, тој е еден од клучните столбови на македонското општество.

7. Дали кај Кејнз може да најдеме одговор за решение на сите неволи во економијата, особено по 2008 година?

Кејнз нуди многу одговори, но секако дека последната криза многу јасно покажа дека сериозно треба да се води сметка за растечката нееднаквост во доходот и богатството во економиите. Тоа го покажуваат трудовите на многу светски познати економисти (на пример, Штиглиц, Пикети и Еткинсон), како и на релевантни меѓународни институции (на пример, ММФ и ОЕЦД).