ДПМНЕ И ДУИ И ОФИЦИЈАЛНО СЕ ЗДРУЖИЈА ВО САБОТАЖА НА ИЗБОРИТЕ: ДЕРКОСКИ КОЈ Е ОД ВМРО ДПМНЕ Е НЕДОСТАПЕН, ЈА НЕМА И ПОТПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА ДИК КОЈА Е ОД ДУИ, НЕ ИМ ОДГОВАРААТ НА КОЛЕГИТЕ НА ТЕЛЕФОН, А ИЗБОРНИТЕ РОКОВИ ПОЧНАА ДА ТЕЧАТ

0
753

Ако нема седница, ќе нема ни роковник, а ни почеток на кампањата од утре, но таа ситуација е кршење на закон за која кривично се одговара, упатуваат стручните служби во Државната изборна комисија. (Фото: СДК.МК)

Исчезна претседателот на Државната изборна комисија Оливер Деркоски, велат неговите колеги од Комисијата, но и тамошната администрација. Сите чекаат тој да закаже седница, за да се стават нови датуми за изборните активности на ДИК, но него го нема. Не одговарал на ниту еден од телефонските повици.

„Не само што го нема претседателот, туку ја нема ни потпретседателката Дитмире Шеху. И таа ни е недостапна, па според тоа, седница не може никако да се закаже. А уредбата, која е со законска сила, бара денеска да се состанеме и да ги ревидираме роковите, од утре предизборната кампања треба да почне. Но, за да почне, треба да го ревидираме, да го ставиме тоа во роковникот. А седница еве, нема“, велат во Комисијата.

Во меѓувреме, МВР си ги исполнува обврските кон Избирачкиот список и таму работата си тече најнормално. Го прашавме министерството дали МВР на ДИК ѝ ги има доставено податоците за лицата кои поднеле барање за лична карта до донесување на Уредбата за запирање на активностите за избори, и оние за лицата кои до 5 јули 2020 година, до денот на изборите, полнат 18 години?

„Вчера е испратен првиот сет на податоци. За вториот сет на податоци, чекаме да се исполни еден од условите: или да се објави денот на избори, или да престане вонредната состојба. Или, тоа би значело 22 дена по престанокот на вонредната состојба е денот на изборите, согласно владината Уредба, па така и ние би можеле да пресметаме до тој датум колку вкупно 18-годишници ќе има и би ја доставиле и таа листа до ДИК, со која сме во постојана комуникација“, стои во одговорот на МВР до САКАМДАКАЖАМ.МК.

За да се стокми комплетно Избирачкиот список, треба уште апдејт на податоците од Службата за матичната книга за починатите лица, како и од судовите.