ДОШЛА СМРТТА ДА ГО ЗЕМА АМА ОН НЕ ЈА ОТВОРИЛ ВРАТАТА : КАКО ДЕНЕСКА ЖИВЕЕ ИВАН, ПРВИОТ ПАЦИЕНТ СО ПРЕСАДЕНО СРЦЕ ВО МАКЕДОНИЈА?

0
818
Во мај 2020 година во земјава беше направена првата трансплантација на срце од починат донор. Веста го преплави етерот, а Иван Огњановски, тогаш 54-годишен маж од Скопје, го доби срцето на Емилија Динева (43) од Стар Дојран, која настрада во сообраќајка.

По околу два месеци поминати на Клиниката за државна кардиохирургија, Иван си замина на домашно лекување, а со неговиот случај беше испишана историја во јавното здравство. Трансплантацијата на срцето ја работеа проф. д-р Сашко Јовев и академик Жан Митрев заедно со д-р Васил Папестиев, д-р Марјан Шокаровски, д-р Ванѓел Здравески, д-р Кјутим Џелили, д-р Тања Анѓушева, д-р Никола Христов, д-р Стефанија Хаџиевска, д-р Надица Мехмедовиќ, д-р Весна Миташова, д-р Јасмина Илиевска, д-р Марија Гераковска и д-р Димче Славевски од Аџибадем Систина.

По излегувањето од клиника, Иван ретко се појавуваше во медиумите, но неговиот син Васил Огњановски за „Фокус“ набргу по трансплатацијата раскажа дека целото семејство е благодарно за шансата за нов живот кој ја добил татко му. Исто така, откри дека се спријателил со семејството на Емилија Динева и дека нивното пријателство вечно ќе го негуваат. Околу тоа како денес, по двеипол години од трансплантацијата живее Иван, повторно разговаравме со неговиот син Васил.

-Помина време од интервенцијата која предизвика огромен јавен интерес, и можам да кажам дека денес, татко ми има нормален живот. Во одлична состојба е, вратен во нормала, си работи. Се храни здраво, колку што може, секој ден пешачи… Благодарен е, секако кога Господ дава втора шанса за некој да го живее животот нормално – вели Васил.

Појаснува дека во минатото Иван работел во градежништвото, но поради трансплантацијата, таа работа би била премногу напорна за него. Вели дека благодарение на професорот д-р Јовев, сега татко му работи на Клиниката за кардиохирургија.

                                                                                          -Поради тоа што системот во државата ни е таков, каков што е, на татко ми не му следува инвалидска пензија. Со таа дијагноза, со трансплантација на срце, тој не можеше да се врати пак на градежништвото, па благодарение на професорот Јовев сега е на Клиниката за кардиохирургија, во администрација- вели Огњановски.

По првата трансплантација на срце во земјава, втората беше изведена во април 2021 година, а пак третата во мај истата година. Досега во Македонија се извршија десеттина трансплантации на срце. Благодарение на хуманоста на семејствата кои одлучиле да ги донираат органите на свои блиски со мозочна смрт, голем број на пациенти добија шанса за нов живот.