Донација од ФФМ и македонската фудбалска репрезентација за поплавените подрачја

0
1248

На иницијатива на селекторот на Македонската А репрезентација, Игор Ангеловски и капитените Горан Пандев и Ванчо Шиков, а со комплетна согласност на сите репрезентативци и стручниот штаб средствата од повикот за квалификацискиот натпревар против Албанија во целост ќе бидат донирани на погодените од катастрофалната поплава која викендов го погоди скопскиот регион.

– Во мое лично име и во име на сите членови на фудбалската репрезентација на Македонија би сакал да изразам длабоко сочувство до семејствата на настраданите и сите погодени во поплавата. Со овој мал гест сакаме да им дадеме поддршка на сите оние кои беа директно погодени од оваа природна катастрофа, со надеж дека нешто вакво никогаш повеќе нема да се повтори, изјави селекторот Игор Ангеловски.

По немилите настани со поплавите во скопскиот регион, Фудбалската федерација на Македонија ќе донира средства за лична хигиена, дезинфекција и конзервирана храна за лицата најпогодени од природната катастрофа.

– Фудбалската федерација на Македонија на сите погодени од поплавите со овој гест сака да им даде до знаење дека ќе биде на располагање во наредниот период за каква било логистичка или хуманитарна помош која ќе биде потребна. Би сакале да упатиме искрено сочувство до фамилиите на настраданите како и да ја понудиме својата помош до оние на кои им е најпотребна, изјави претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски.