ДОМ ја промовира изборната програма на конференцијата на Балканските зелени партии во Скопје

0
1168

Зелената економија и зелените работни места се еден од петте главни приоритети на ДОМ и тие се дел од изборната програма и наша понуда и ветување за овие парламентарни избори, за кои ќе се залагаме да се исполнат, истакна претседателката на партијата Лилјана Поповска на дводневната конференција на Балканските зелени партии што се одржува во Скопје.

Во рамки на конференцијата „Озеленување на балканските економии“ беше промовирана и изборната Програма на ДОМ, дополнета и дооформена по неколкумесечните консутации со граѓаните на Македонија.

Конференција, рече Поповска, покажува дека зелените политики ги обединуваат Балканот и Европа и дека главна заложба во таа насока треба да биде трансформирањето на економијата со нов концепт базиран на обновливите енергии и напуштање на фосилните горива, енергетска ефикасност, заштита на животната средина, како и почитување на одредбите и насоките од Климатскиот самит во Париз.

– Зелената економија е можност за отворање илјадници нови зелени места во користење онбовливи енергии, енергетска ефикасност, еко-туризам, производство на здрава органска храна, како и современо управување со водите и отпадот, според концептот НУЛА-отпад, напомена Поповска.

На првиот ден од оваа Конференција, на која учествуваат претседатели и високи претставници на балканските зелени партии и на Балканската зелена мрежа, како и претставници од Европската зелена партија и на повеќе невладини организации и здруженија, акцентот е ставен на енергетската политика во Југоисточна Европа и на препораките од Парискиот договор за климатски промени и неговите импликации врз регионалните климатски и економски политики и акции.

Копретседавачот на Балканската мрежа Борислав Сандев, меѓу другото, истакна дека во Скопје не се само за оваа Конференција, туку и за поддршка на ДОМ во предизборната кампања. – Ние со ДОМ тесно соработуваме подолго време и тоа е партија што ја води Македонија кон Европската унија и е лидер во интеграцијата на Балканот. Со својата политика ДОМ е сонце на Македонија, нагласи Сандев, додавајќи дека ДОМ вистински се бори за подобрување на квалитетот на животот во Македонија, почнувајќи од економијата и еколошката безбедност, па се до почитувањето на човековите права и слободи.

И претседателот на Зелени Србије Иван Кариќ ја истакна поддршката за ДОМ на овие парламентарни избори. Воедно ја охрабри партијата како дел од коалицијата предводена од СДСМ да го мотивира народот да гласа за нив, за нивната зелена политика заради подобра иднина на земјата и за создавање услови Балканот да биде побезбедно и поздраво место за живеење.