ДОМ на Денот на планетата Земја: Имаме право на здрава животна средина!

0
1202

„ДОМ порачува по повод Денот на планетата Земја дека сите, како граѓани на Република Македонија, имаме право на здрава животна средина! Но и дека државата има обврска да ја обезбеди, со сериозен третман на животната средина!

Под итно ни треба Закон за урбано зеленило, за да престане уништувањето на градското зеленило заради политичко-бизнис профитерство. Да не се лаже некој дека владиниот предлог на Закон за зеленило, донесен пред самото распуштање на Собранието, е бараното решение! ДОМ гласаше ПРОТИВ, зашто тој текст е чиста измама, фрлање прашина в очи: без стандарди и нормативи за задолжителни 25м2 зеленило/жител на ниво на град и 10-30% зеленило на градежна парцела; без промена на лошите закони и правилници за урбанизам, просторно планирање и градење; без обезбедени извори за финансирање на одржувањето и подигањето на зеленилото; без обврска на сопствениците и инвеститорите да се грижат за зеленилото; без заштита на постојното зеленило! ДОМ 5 години се бори за ваков закон, го подготви заедно со експерти од институции и од граѓанскиот сектор, но тој закон беше 3 пати одбиен од парламентарното мнозинство!

Под итно ни треба и Закон за квалитет на почва, за да знаеме каде живееме, што садиме и што јадеме! Но и тој закон, иако веќе 3 години лежи во фиоките на Министерството за земјоделие, никако да се донесе. Според него, државата ќе има обврска да ги реши сите 16 жешки еколошки точки во земјава настанати од стари индустриски загадувања и да направи ремедијација на загадената почва. За да нема штетни зрачења и загадувања, за да јадеме здрава храна и да пиеме чиста вода!

Сиве овие и многу други проблеми сигурно не може да се решат со скромен буџет од 5 милиони евра на Министерството за животна средина. Тој треба да се зголеми најмалку 10 пати, за да можеме како земја да си ги решиме основните проблеми со чист воздух, вода и почва. Ако и дадеме приоритет на екологијата, како држава ќе можеме да учествуваме во европските и светските еколошки програми за обновливи енергии, енергетска ефикасност, пречистителни станици за вода, современи фабрики за отпад, еколошко прилагодување на индустријата, зелени градови со еко-транспорт и сл. Сите овие активности нема да бидат еднократно потрошени средства, туку инвестиции кои ќе генерираат илјадници зелени работни места во циркуларната зелена економија!

Денеска се обраќаме до граѓаните, за да потсетиме на денот и идните задачи, кога ќе се нормализираат работите во земјата. Не очекуваме ништо од институциите, кои се водени од луѓе кои, за жал, живеат во друг, паралелен свет. ДОМ останува на фронтот на борбата за демократска Македонија, која ќе се гради по спроведени слободни, фер и демократски избори“, соопштуваат од ДОМ