ДОМ: Додека власта дрибла со избирачкиот список, Македонија губи милиони

0
1224

ДОМ е огорчена од однесувањето на владејачките партии во преговарачкиот процес за излез од политичката криза. Од партијата велат дека граѓаните секој ден се сведоци на некоја нова лакрдија и манипулација со јавноста, затоа што на збор, власта прифаќа прочистување на Избирачкиот список, а во пракса прави сè за тоа да биде оневозможено.

„Двете партии од власта се совршено уиграни и си ја подаваат топката – еднаш едната се согласува со опозициониот предлог, а другата одбива, па после обратно.  А што е тоа што го бара опозицијата, што власта го нарекува „сулудо“? Бара да си веруваме на очите и на умот, па оние 40.000 имиња на гласачи кои не беа пронајдени за време на теренската проверка, да бидат избришани од списокот. Онака како што беше утврдено со методологијата за прочистување на списокот, прифатена од сите партии. Опозицијата направи отстапка и прифати дополнителна операција, на барање на владејачките партии, овие имиња да бидат јавно објавени, за да може некој што навистина постои, да се пријави во ДИК. Опозицијата исто така бара оние 172.000 гласачи од дијаспората да бидат ставени на посебен список, за да не може некој да го злоупотреби нивниот идентитет овде, во земјата. Ако дојдат во Македонија, ќе гласаат овде, ако не, ќе гласаат таму кај што живеат. Логично и чисто!

Сево ова беше минатата недела договорено и усогласено помеѓу четирите партии. Но, дента кога јавноста очекуваше објава на 40.000 имиња на последен увид, владејачките партии излегоа со најнов, креативен предлог – да има трет список и сите да се сметаат за валидни!? Во превод, тоа значи да можат и на следните избори да се повторат изборните манипулации!

И додека власта дрибла со избирачкиот список, Македонија губи милиони, а ја губи и својата перспектива да стане нормална држава со високи стандарди за живот. Жестока е одлуката на ЕУ за губење на финансиската помош од 27 милиони евра и за укинувањето на други 69 милиони евра за проекти од инфраструктурата, енергетиката и екологијата. Овој потег на Брисел е порака до власта дека води погрешна политика со која тонеме во финансиска и политичка изолација и дека Македонија се оддалечува од ЕУ. Ова е неправедна казна за македонските граѓани, а решението е во рацете на владејачките партии.

ДОМ апелира до двете владејачки партии да покажат, конечно, одговорност и сериозност во преговарачкиот процес, па во интерес на граѓаните, во интерес на сопствените семејства и деца, да овозможат создавање услови за фер и демократски избори. Само така ќе заврши политичката криза, по која ќе треба да започнеме нов процес на враќање на старите позиции и одење напред“, се наведува во соопштението на ДОМ.