Домашни политичари го компромитираат суверенитетот на Македонија

0
1114

016117234_303001-540x304

Ако некој злобник сака да ви го блокира моторот на возилото, ќе ви стави шеќер во резервоарот за гориво. Резултат од тоа е што со него нема да можете да мрднете ни напред, ни назад. На такво возило денес наликува Македонија. За жал, нејзиниот „мотор“ не го блокира некој неидентификуван злобник, туку познати и именувани домашни политичари, избрани да го одржуваат во возна кондиција и да го хранат со адитиви и висококвалитетно гориво.

Од 2 јуни, денот кога во скопско Пржино беше потишан политичкиот Договор за излез од кризата, многу од пакетчињата шеќер послужени со кафето за членовите на Работна група, завршија подметнати токму во државниот резрвоар за гориво, и тоа во најклучните моменти: и тогаш кога требаше да се договори законот за специјалниот обвинител, и при договорот за измени во Изборниот законик. Во првиот случај, возилото тргна, но исклучиво како резултат „на туркање“ од меѓународните олеснувачи. Таква разврска е извесна и во вториов случај.

Тактика на одложување

Веќе не е прашање колку се пробиени роковите од Договорот, туку каква слика и надеж рефлектираат политичките елити во целиот постпржински период.

Однесувањето на дел од претставниците на политичката „четворка“ не ветува дека македонското општество може да се надева оти сите партии се искрено посветени на договарање на најдобрите решенија. Фактот дека дел од нив со тактики за купување време ги одлагаат измените што треба да гарантираат фер-изборен процес, покажува дека не се подготвени да се соочат со причините кои доведоа до кризата, ниту да се откажат од лукративните манири што им ги овозможува нереформираниот Изборен законик. Избегнуваат да разговараат зошто дојдовме „до овде“ и кој сноси одговорност за тоа. Тие само формално играат на преговарачкиот терен, со цел да наметнат парцепција за нивна наводна конструктивност, а во исто време на публикаат и праќаат сигнали дека со постапките на „меѓународниот судија“ во прашање се доведува сувереноста на играта и на теренот.

Дали меѓународниот судија би немал никаква работа во Македонија, кога тимовите сами би оствариле резултат без подметнувања и сопки. Но, не само што не остваруваат никаков резултат, туку и со отсуството на волја за каков било автентичен договор меѓу нив, самите се откажуваат и го препуштаат суверенитет за одлучување во рацете на некој друг. И наместо јавно да го признаат тоа, шират ламентации спакувани во лажни патриоски приказни против „клетите странци“, кои го начнале нашиот политички суверенитет, иако вистината е сосема поинаква: никој ништо не може да ни земе, освен ако политичарите со своето чинење или нечинење не се подготвени тоа да го дадат. Со еден збор, наши политичари ја режираат оваа ситуација. Истовремено, воопшто не сакаат да зборуваат за губењето на финансискиот суверенитет, додека максимално се задолжуваат во меѓународните институции за свои клиентелистички потреби и за трошења за непродуктивни цели, или кога Брисел им „се меша“ во суверенитетот со тоа што на располагање им ги става парите од европските фондови. Со тоа, на сцената функционира еден класичен вид на политички рационализам само кога се во прашање парите, но не и кога е доведено пред провалија функционирањето на институциите, правната држава и демократските стандарди.

ЕУ како загуба, а не шанса

Поради отсуството на каква било еманципаторска политика за излез од политичката агонија, придружена и со многу редуцирана свест за прифаќање на политичката реалност на современа Европа која бара мирни и конструктивни решенија за кризите и споровите, Македонија се позабрзано се афирмира како земја која во постапката за аплицирање за европски пасош не се гледа шанса, туку загуба. Загуба на можноста за неограничено владеење во матна и супстандардна демократија, со регулатива функционална само на хартија но не и во практика, и со манири на постреволуционерно општество во кое победникот зема се, а другите немаат право на ништо.

Стравот од таква загуба најмногу подметнува шеќер во енергенсниот резервор на државата. Со тоа и со други итарпејовски досетки за трошење на времето, навистина може негативно да се влијае и врз брзината на процесот за излез од кризата и врз квалитетот на решенијата. Но, ако тоа истовремено и комплетно ги демаскира актерите – кочничари на разврската, можеби и нема да биде најтрагично ако земјата покрај толку изгубени години, изгуби уште неколку месеци. Барем во тој период и најголемите скептици во земјата и во меѓународната заедница јасно ќе се уверат на кои политичари драматично им истекол и разумот и времето. Ресетирањето и ремонтот потоа полесно ќе може да започнат.

Катерина Блажевска

Извор: Дојче веле