ДОКТОРОТ ВО ПРИЛЕП ПРАВИ ЦЕЛОСНО НОВ ЛИК НА ЦЕНТРАЛНОТО ГРАДСКО ПОДРАЧЈЕ , ЌЕ ГО РЕКОНСТРУИРА БУЛЕВАРОД ,,ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ”

0
1073

„Започна реконструкцијата на булеварот ‘Гоце Делчев’, од споменикот ‘Карпалак’,
односно раскрсницата со улицата ‘Браќа Ламески’, до маркетот ‘Тинекс’. Проектот
опфаќа реконструкција и на дел од улицата ‘Прилепски бранители’, од некогашната
Градска кафеана, до кружниот тек пред Поштата. Булеварот ќе има две коловозни
ленти во едниот правец и две во другиот правец, меѓусебно одделени со зелен појас во кој ќе биде поставено осветлувањето, додека улицата ‘Прилепски бранители’ ќе има
три коловозни ленти“, изјави градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски по повод
започнувањето на реконструкцијата на булеварот „Гоце Делчев“ и на улицата
„Прилепски бранители“.

Градоначалникот Јованоски потенцираше дека постојните дрвореди од двете страни на
булеварот ќе останат, ќе бидат изградени велосипедски патеки, дека пешачките зони,
односно тротоарите ќе бидат обновени со гранитни плочки, а за безбедно движење на
слепите лица, ќе бидат поставени тактилни траки.

„Висината на одделените средства за овој проект изнесува 60.585.000 денари, а
градежните активности ќе завршат до крајот на летото. Прилеп треба да се гордее со
овој булевар бидејќи долги години го очекувавме и, како што кажав, до крајот на
летото ќе добиеме современ булевар со пешачки и велосипедски патеки, на кој нема да биде дозволено паркирање на возила. Должината на булеварот кој се реконструира изнесува 560 метра, а на улицата ‘Прилепски бранители’ 280 метра“, истакна Јованоски.

Исто така, градоначалникот Јованоски рече дека со цел обезбедување доволен број на
паркинг места, на просторот помеѓу зградата на Општина Прилеп и поштата, ќе биде
изградена монтажна гаража на два ката.

Златко Талески, раководен инженер на изведувачот на работите „Изофас“

Златко Талески, раководен инженер на „Изофас“, фирмата изведувач на градежните
работи, рече дека постојното осветлување од левата и десната страна на булеварот ќе
биде заменето со централно осветлување и дека тактилните траки за слепите лица, кои за прв пат се поставуваат во Прилеп, ќе бидат поставени на патеката за пешаците.

„Исто така, за прв пат во градот ќе биде поставена хоризонтална сигнализација која ќе
има осветлување на долниот дел од пешачките зебри, со светлечки семафори. Ние
максимално ќе се посветиме да биде спроведено се’ што е предвидено со проектот,
така што центарот на градот ќе добие убав лик“, напомена Талески.