ДИРЕКТОРОТ НА ФЗОМ НАЈАВИ ДЕКА ЌЕ ЈА ТУЖИ ЛЕВИЦА ДОКОЛКУ СЕ ДОКАЖЕ ДЕКА Е ,,ЧИСТ”

0
969

Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Стево Крстевски во изјава за „Фокус“ вели дека наводите во денешното соопштение од политичката партија Левица не ги смета за обвинувања се додека на тоа, надлежната и одговорната институција во државата, не отвори или спроведе постапка согласно Законот.

Можам да кажам дека во таков случај подготвен сум да ги дадам сите потребни одговори и да ги обезбедам сите докази. Во оваа пригода, сакам да изјавам дека сиот мој имот и имотот на моето семејство е стекнат на легален начин и уредно и навремено пријавен согласно закон до надлежните институции меѓу кои и анкетен лист до ДКСК.

Ги охрабрувам надлежните институции кои сметаат дека треба да се заинтересираат за сè погоре што е кажано, да постапат според правилата кои им го наложуваат тоа, за што им стојам на располагање јас лично и институцијата која ја раководам, вели Крстевски.

Но, тој додава дека ако евентуалната постапка покаже дека не постои никаков прекршок од неговата страна, ќе поднесе тужба.

Доколку после спроведените евентуални постапки се докаже дека не постои никакво дело, вина или прекршок сторен од моја страна, го задржувам правото на правна, административна и судска заштита против подносители на соодветни пријави и јавно искажан збор, вели Крстевски.

Во однос на обвинувањата од Левица дека незаконски деградирал мајка на член на Левица која е вработена во Фондот, директорот вели дека тој не се занимава со политика, ниту политичката припадност на вработените во Фондот, а уште помалку за членовите на нивните семејства.

За конкретната вработена , која се споменува, и наводната поврзаност со политичка активност и припадност за нејзин член од семејство дознав, по нејзиното локациско разместување, кога се појави во одредени медиуми.

Го потенцирам зборот локациски од причини што не станува збор за никакво деградирање во смисла на промена на решение и работно место, намалување на плата и слично, туку се работи за времено преместување во подрачната служба на Фондот во Скопје, каде поради зголемен број на оправдани отсуства приморани сме во такви случаи да пополнуваме со ресурси од централната служба. Ова е континуирана практика што се спроведува подолг период, а особено кога имаме поголем број заболени од КОВИД-19, вели Крстевски.

Левица денеска побара од Државната комисија за спречување корупција да го испита потеклото на како што велат, енормниот имот на директорот на ФЗОМ од редовите на СДСМ, Стево Крстевски.