ДИРЕКТОРКАТА НА СРЕДНОТО МЕДИЦИНСКО ВО БИТОЛА ДО ДЕВОЈЧЕТО НА КОЕ МУ ПАДНА ТАВАН ВРЗ ГЛАВА : „ТИ СИ ЈУНАК, БИТНО СИ ЖИВА“

0
487

„Ти си јунак, битно си жива“, наводно ја тешела директорката ученичката врз која падна дел од таванот во медицинското училиште. „Не покажа емпатија“, вели мајката. „Наместо да покаже емпатија кон девојчето за повредите и стресот, да ми ја донесе дома или да ја одведе на лекар, директорката ја храбреше ќерка ми дека ‘битно е жива’ и дека е ‘голем јунак’“ – сведочела за „Независен“, С.Д. (38) години, мајка на девојчето од Средното медицинско училиште во Битола врз чиј грб вчера се урна дел од таванот од тоалетот во училиштето.

Родителите најавуваат тужба за директорката и училиштето.
„Ќе тужиме со надеж да не се повтори оваа несреќа, не дај боже потешко да настрада и друго дете“, рекла мајката на средношколката.
Девојчето А.Д. (16) денеска остана дома и не отиде на училиште, сѐ уште е под стрес од вчерашната незгода кога дел од таванот во тоалетот и паднал врз грбот, па за да ја заштити главата има повреди и набиеници и на левата рака. Лекарите ја прегледаа вчера, а денеска девојчето било и на психолошки преглед.

Мајката, според пишувањата, е ужасната од постапката на Наташа Илиева, директор на училиштето „Д-р Јован Калаузи“ и вели дека при незгодата не покажала сочувство за детето туку се обидела да го релативизира проблемот.
„Детето е повреди констатирани на лекар, набиеници, модрици од ударот врз главата, грбот, а и левата рака ја боли. Синоќа никако не успеа да заспие, стравот и шокот си го направија своето. Наспроти инцидентот, директорката се обидела да ја замачка ситуација па и кажувала зборови дека е ‘јунак’, и дека ‘битно е жива’. Па уште ја тапкала по грбот и ја убедувала дека е добро. Најмалку што очекував да ми се јават, да ја донесат дома, живееме во село, или на лекар да ја однесат, а не да го замачкува случајот“ – сведочи мајката.

Непријатната случка се случила вчера нешто пред 9 часот кога девојчето влегло во тоалетот и во еден момент слушнала звук, по што дел од таванот се урнал врз неа.Реагирала инстинктивно, ја ставила раката на главата и се наведнала, но како што вели мајката, ситуација по овој стрес се искомплицирала кога заради паднатиот дел од таванот се заглавила вратата, па ја фатила паника кога не можела да излезе.

„Девојчето откако успеало да излезе од тоалетот се вратило на час, збунето, шокирано. Два часа поминала во клупата додека не почнало да се тресе и да ја боли раката. Тогаш по реакциите ја пуштија дома, а директорката ги заклучила тоалетите. Сите ние како родители ги праќаме децата на училиште мислејќи дека се на безбедно, дека некој се грижи за нив, ама ова покажа дека не било секогаш така“ – вели мајката.