Дипломатска офанзива во клучната недела: Или решение, или санкции!

0
957

Шефот на Делегацијата на ЕУ во Скопје, амбасадорот Аиво Орав со претставник од амбасадата на САД, вчера во Скопје одржале поединечни средби со раководствата на партиите – потписнички на Договорот од Пржино, објави Дојче веле.

На вчерашните средби било разговарано за актуелните состојби во земјата и за ставовите на партиите за надминување на правната и политичката криза. Секоја од партиите ги презентирала своите позиции во однос на обезбедувањето нужни (пред)услови кои би воделе кон зедничко решение за излез од сегашната состојба и за враќање на меѓупартискиот дијалог.

Како што дознава Дојче веле, подготовката на теренот за заедничка лидерска средба засега оди тешко. Главна пречка за тоа и натаму е претседателската одлука за аболиција која шефот на државата ја донесе на 12-ти април и до денес не ја повлече, со што е устоличена политика на неказнивност, спротивна на стандардите за владеење на правото и за еднаквост на граѓаните пред законите.

Иако четирите партии со писма се обратија до Иванов и побараа да ја повлече одлуката за аболиција, до денес нема промени во неговиот став. Со тоа шефот на државата и натаму останува на соопштението од 21-ви април, дека „не е изнајден правен основ за повлекување на одлуката“.

Како што неофицијално дознава Дојче веле, следниот чекор за кој се размислува, е Собранието да донесе одлука со која претседателската аболиција ќе стане неважечка. Со тоа партиите би потврдиле дали државните интереси навистина ги ставаат пред партиските и пред личните интереси на некои нивни претставници, или писмата што ги пратиле до Иванов се само декларативна маска за криење на други цели и мотиви. Подготвеноста за свикување собраниска седница, за чие одржување нема никакви законски пречки бидејќи мандатот на пратениците трае се до изборот на нов собраниски состав, ќе се смета за последен тест – дали и кај кои политички субјекти постои политичка волја за излез од кризата, а кај кои – не!

Следните шест денови се клучни за да обезбедат предуслови за обновување на меѓупартискиот дијалог и за конкретни решенија, вклучително и за ревидирање на решението за избори на 5-ти јуни, со оглед дека на 11 мај истекува рокот во кој треба да се достават листите на кандидати за пратеници. По тој период, нема простор за маневрирање, и ако дотогаш не се најде решение, Македонија во следниот период би можела да се соочи со рестриктивни мерки (санкции) кон поединци кои се сметаат за најодговори за саботирање на Договорот, односно чии активности не водат кон обезбедување мир и стабилност во земјата или ги повредуваат интересите на државата.

До овој момент, за најголем удар на Договорот од Пржино се смета одлуката за аболиција, но голема загриженост за функционирањето на институциите предизвикува и поништувањето од Владата на одлуките на министерот за внатрешни работи, како и налозите до вработените во државната и јавна администрација за учество во контрапротести. Тоа, според дипломатски извори, го отсликуваа неодвојувањето на партијата од државата, но и директната и конкретна инволвираност во зголемувањето на „културата на поделби“. Натамошната владејачка контрола врз медиумите, како и недовербата во прочистувањето на Избирачкиот список, се исто така дел од причините кои предизвикуваат сомнежи во можноста да се се одржат кредибилни избори на 5-ти јуни. Како илустрација за тоа се посочува и фактот што ДИК дури вчера одлучи да ги задолжи Управата за водење матична евиденција и МВР да утврдат колку лица од Албанија имаат склучено брак во Македонија и по која основа се стекнале со државјанство. Проверките ќе се вршат онаму каде што е утврдено дека на иста адреса живеалиште пријавиле повеќе од 10 лица од Албанија.