Димитров на он-лајн брифинг во организација на бриселскиот тинк-тенк EPC

0
975

Денес, министерот за надворешни работи Никола Димитров, на покана на бриселскиот тинк-тенк EPCучествуваше на он-лајн брифинг на тема: „Северна Македонија се приближува кон ЕУ: напорниот труд создава историја?“ 

Целта на брифингот беше да се даде осврт, како и да се отвори он-лајн дебата со заинтересираниот аудиториум, во однос на историските исчекори на Северна Македонија на планот на евро-атлантските и ЕУ интеграциите, реализирани во март о.г., во екот на кризата со пандемијата, како и на следните чекори и очекувања на планот на нашето приближување кон Европската Унија. 

Заблагодарувајќи се за вниманието и фокусот посветен на нашата земја, министерот Димитров меѓу другото истакна„Досегашната и претстојната поддршка која се очекува од Европската Унија во поглед на справување со здравствените и социо-економските предизвици од пандемијата, претставува јасно признание дека Западниот Балкан ќе биде дел од ЕУ. Ние, нашите граѓани знаеме каде припаѓаме и после одлуката во март за почеток на пристапните преговори, конечно ќе ја добиеме и алатката која ќе го даде потребниот поттик за нашата отпочната позитивна трансформација. Нашиот пат не беше лесен ни досега, при што научивме дека колку поголема пречката – толку поголемо чувството на задоволство од постигнатото. И на тој пат кој ни претстои, при што процесот е поважен од крајната дестинација, сите ние во рамки на својот домен, може да бидеме чинители на промената.“ 

Настанот беше модериран од страна на Корина Стратулат, виш аналитичар во EPC, а во рамки на дискусијата стана збор и за очекувањата од претстојниот Самит ЕУ-Западен Балкан, случувања на домашен план, како и за динамиката во регионалните односи.