Димитров: Нам ни требаат и двете – македонскиот јазик и македонксиот идентитет. Околу таа работа не може да се преговара, особено по Преспанскиот договор

0
1252

Шефот на дипломатијата Никола Димитров, во вечерашното интервју за Топ тема на ТВ Телма, во врска со барањата од бугарската страна во Преговарачката рамка да нема македонски јазик и македонско малцинство вели дека невозможно е да се гради пријателство, ако го предизвикувате идентитетот на соседот.

Министерот рече и дека јазикот не е прашање што е предмет на признавање или не признавање на држави и оти во 21 век, особено во Европа, не може да се негира правото на самоопределување и самоизразување.

Димитров потсетува дека ова прашање е старо и датира уште од самиот почеток на признавањето, Бугарија беше првата држава што ја призна независноста земјава, но ова прашање, како што рече, долго време се провлекува бидејќи немавме билатерални договори.

– Тоа се овозможи на некој начин преку политичката декларација од 1999 година. И таа формулација од декларацијата – македонски јазик согласно Уставот и бугарски јазик согласно Уставот, се користи како јазична клаузула во сите билатерални договори. И таа е содржана во договорот за Добрососедство за пријателство, добрососедство и соработка. Во изјавата иако Бугарија се повикува на јазичната клаузула која постои во билатералните односи, и мислам дека е важно да се објасни дека таа е целосно симетрична и реципрочна, македонскиот јазик и бугарскиот се во иста позиција во комуникацијата, вели Димитров.

Посочува дека Договорот става рамка и овие барања, како што вели, според нашите позиции и перспективи излегуваат вон договорот. – Бидејќи во договорот се споменува македонскиот јазик и е исто поставен со бугарскиот јазик. Тоа значи симетрично и реципрочно, рече Димитров.

Оценува дека околу македонскиот идентитет и јазик не може да се преговара, особено по потпишувањето на Преспанскиот договор и поради тоа предизвикот е голем бидејќи не можеме да се откажеме од овие две суштински цели.

– Нам ни требаат и двете – македонскиот јазик и македонксиот идентитет. Околу таа работа не може да се преговара, особено по Преспанскиот договор што го комплетираше и го затвори процесот на нашето зачленување во ОН. Со изразување на нашето право на самоопределување и нашата лична карта во ОН, меѓудругото го содржи и македонскиот јазик. Јазикот не е прашање што е предмет на признавање или не признавање на држави. Во меѓународното право, држави признаваат други држави и влади. Меѓутоа во 21 век во Европа особено, не може да се негира правото на самоизразување и самоопределување. Македонскиот јазик е наша работа, вели Димитров.

Истакнува дека таа цел мора да се постигне, но истовремено треба да се случи првата меѓувладина конференција каде треба и согласност на Бугарија, како земја-членка на ЕУ.

– На ниво на принципи, овие две цели се целосно комплементарни. Ние не влегуваме во некаков сојуз кој е голопрагматичен и кој нема вредности. Во секоја поважна политичка изјава на ниво на ЕУ, се споменуваат европските вредности. Би било незамисливо процесот не европска интеграција да значи некаков идентитески предизвик за земја која што е во Европа. Ние сме кандидат 15 години, добивме „зелено светло“ на 26 март конечно каде и Бугарија учествуваше во тој консензус, меѓутоа истовремено во записникот од состанокот постави свое гледање на работите каде овие работи ги изнесе. Нашата задача сега е како во односите со Бугарија да градиме пријателство, да дојдеме до разбирање дека не може да се допира таму каде е свето – јазикот и идентитетот и како да ја градиме заедничката иднина и како ова минато заедничко, наместо да не разделува, како да направиме да не поврзува. Ќе ни биде многу тешко, ќе треба многу работа и мудрост. Невозможно е да градите пријателство, ако го предизвикувате идентитетот на соседот. Ако долгорочната цел на Бугарија е да биде блиска со Северна Македонија, овој предизвик сега што е поставен не оддалечува, смета Димитров.

Во врска со тоа дали на агендата на утрешниот самит ЕУ-Западен Балкан ќе биде ставено и ова прашање, Димитров рече дека не очекува на тоа ниво на таков настан ова прашање посебно да се отвори.

Во однос на изјавата на претседателот Стево Пендаровски дека ако цената за влез во ЕУ е да кажеме дека не сме Македонци и оти нашиот јазик не е македонски тогаш не ни треба и Унијата, Димитров рече дека европската интеграција е исклучително важна за државата.

– Нашата цел треба да биде да влеземе во Европската Унија како Македонци, во однос на припадниците на македонскиот народ, бидејќи ние се разбира сме мултиетничко општество, кои зборуваат македонски јазик – ние мораме двете цели да ги постигнеме. Ние треба да водиме политика која ќе направи тешко, речиси и невозможно тие две цели да бидат взаемно исклучиви, бидејќи суштински не се. И третата цел – пријателството со Бугарија, исто така ги подразбира овие две. Блокирањето ќе направи еден голем јаз во процесот што го почнавме. Ние треба да водиме таква политика и такви чекори што ќе ги овозможат сите овие три цели. Јасно е дека нема никаков маневарски простор. Нашиот македонски идентитет е резултат на еден историски процес. Не се работи за одлука или став. Но и другата цел – европската интеграција ни е исклучително важна, меѓудругото дури и за идентитетот и за иднината на татковината. И ние треба да водиме политика овие процеси кои се суштински комплементарни, да влијаеме на реалноста да се движи во тој правец – да биде тешко да се стават сопки, било на едното, било на другото, вели шефот на дипломатијата Димитров. нд/бак/