Димитров: Можеме и ќе бидеме победници, а не жртви, сите заедно можеме уште повеќе, уште подобро

0
984
Никола Димитров, носителот на листа на коалицијата предводена од СДСМ во изборната единица 1, на првиот ден на изборната кампања рече дека за три години државата е исправена  на нозе. Не бевме совршени, посочи, но факт е дека направивме големи чекори напред.
„Меѓу назад кон слепата улица и напред кон успешна европска демократија мислам дека изборот на граѓаните не е тежок. Поразот на опозицијата ќе биде добра работа не само за државата туку и за самите нив,  нужни се длабоки реформи во нивната матрица“, рече  Димитров.
Македонската демократија, посочи,  денес по сите извештаи е неспоредливо послободна од времето на нашите претходници.
„Од состојба на страв од власта, сега власта го слуша гласот на народот. Се зачленивме во НАТО, удирајќи печат на нашите граници и точка на неизвесноста. Добивме зелено светло од ЕУ. Притоа, го афирмиравме македонскиот идентитет и го потпишавме првиот договор со Грција на македонски јазик. Од минус економијата отиде во плус. Рекордни странски инвестиции, поголеми плати, помалку невработени. Гласачите бараат европска иднина, правда и функционални институции, економски развој, чист воздух, добри училишта и подобро здравство. Бараат повеќе. На овие избори коалицијата Можеме предводена од СДСМ е единствената опција која нуди и надеж и одлучност дека ќе одиме напред во овие области“, рече во својата изјава Димитров.
Како што изјави тој често вели „ќе не биде“, како отпор против малодушноста и тезата дека не можеме.
„Можеме и ќе бидеме победници, а не жртви. Ниту македонскиот народ ниту деловите на другите народи, нашите сограѓани Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и сите други, не се ништо помалку способни и вредни од било кој друг народ. Сите заедно можеме, уште повеќе, уште подобро“, рече Димитров.