Димитров: „Меѓународната соработка и размена на искуства можат да ги надополнат напорите на национално ниво насочени кон успешна примена на дигиталните алатки, во полза на секој поединец“

0
683

На иницијатива на министрите за надворешни работи на Естонија, Урмас Реинсалу и на Сингапур, Вивиан Балакришнан, денес се одржа глобална видео-конференција посветена на надминувањето на дигиталниот јаз во контекст на КОВИД-19, на кој учество зеде министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Никола Димитров. На конференцијата учествуваа и заменик Генералниот секретар на ООН, Амина Мохамед, како и над 60 министри за надворешни работи од целиот свет. 

Министерската конференција беше прилика за размена на мислења и искуства во справувањето со пандемијата со употреба на иновативни и флексибилни дигитални решенија. Споделувајќи ги научените лекции, министрите ги истакнаа своите видувања за потребата од меѓународна солидарност и соработка во услови на предизвици на мултилатерализмот и одбележувањето на 75-годишнината од Обединетите нации. 

Во своето обраќање, МНР Димитров ги подвлече напорите на Владата за употреба на дигиталната технологија во надминувањето на кризата во сферата на образованието, здравството, меѓународната трговија и управувањето со ризиците. 

МНР Димитров: „Меѓународната соработка и размена на искуства можат да ги  надополнат напорите на национално ниво насочени кон успешна примена на дигиталните алатки, во полза на секој поединец. Оваа криза особено упатува на здружување на силите и на ресурсите со цел пронаоѓање на поефикасни начини за ползување на слободниот софтвер и платформи од страна на јавната администрација, претпријатијата, образовните институции и граѓаните во справувањето со тековната криза“. 

Министерот Димитров ја изрази и поддршката којашто Република Северна Македонија, како силен поддржувач на мултилатерализмот ја дава на Глобалната декларација за дигитален одговор на КОВИД-19.