Димитров : Бугарија и Македонија ќе најдат начин низ пријателство и почит да го решат прашањето за Гоце Делчев

0
1218

Бугарија и Македонија ќе најдат начин низ пријателство и почит да го решат прашањето за Гоце Делчев, вели Димитров. За тоа колку се реални заканите на Бугарија дека ќе го блокира процесот за добивање датум за преговори со ЕУ овој октомври ако не се постигне договор за Делчев, шефот на дипломатијата е убеден дека ќе се најде заедничко решение. Димитров за ова прашање ќе разговара уште утре во Софија, каде ќе присуствува конференција на црноморската иницијатива.

– Јас сум убеден дека ќе најдеме начин низ почит кон другиот и пријателство да не ги загрозиме овие важни цели. Убеден сум дека македонскиот успех во смисла на европската интеграција е многу важен и за соседна и пријателска Бугарија и ќе најдеме начин тие не само да не бидат пречка, туку да бидат и промотор како што впрочем беа и минатата година во Советот за општи работи и неодамна на последниот што се одржа во Луксембург, вели Димитров.

На конференцијата утре се очекува да присуствува и шефицата на бугарската дипломатија Захариева, која всушност и прва ја започна бурата реакции откако изјави дека за Бугарија е неприфатлив предлогот на македонската страна – Гоце Делчев заеднички да се чествува на 7ми октомври , денот кога во 1946 година Бугарија и ги предате посмртните останки на Македонија.

По ова претседателот Пендаровски изјави дека можеби Гоце Делчев се изјасувал како Бугарин, но во исто време се борел за македонската држава. Бугарскиот европратеник Ковачев пак порача дека никој не кажал дека на западните соседи ќе им се земе Гоце Делчев, ниту пак некој ги терал да се декларираат дека се Бугари.

Внимание привлекоа и двајцата премиери. Бојко Борисов од Брисел порача дека Македонците сe уште треба да „созреваат“ за да го добијат датумот за преговори за влез во Европската Унија. По ова имаше и брза реакција на Заев кој пак кажа дека државите потпишаа договор за пријателство и заедничка соработа, а не за јавни дебати и полемики и дека двете земји заедно треба да созреваат.

Ставовите за Гоце Делчев ќе се пеглаат во септември, кога повторно ќе има состанок на македонско бугарската комисија. Засега е јасно дека експертите од двете земји постигнале согласност во однос на личноста и делото на Гоце Делчев, но за одредени прашања нивните мислења длабоко се разминуваат.