ДИМИТРОВСКИ ОД ДС : ОСМАНИ МУ КАЖАЛ НА КОВАЧЕВСКИ ДЕКА ВО „ДОГОВОР СО АМЕРИКАНЦИТЕ“ ОТИШОЛ ВО СОФИЈА КАЈ ПЕНДИКОВ

0
380

Довчерашниот заменик-министер за локална самоуправа, Зоран Димитровски од Демократски сојуз, тврди дека шефот на дипломатијата Бујар Османи во Владата објаснил дека неговата посета на повредениот македонски Бугарин Христијан Пендиков во болница во Софија била организирана „во договор со Американците“.
Османи го посети претепаниот Пендиков во болницата во Софија, откако тој беше нападнат во Охрид, а бугарските власти испратија владин авион да го пренесе во Бугарија.

„Јас се слушнав со Американците, рекоа дека можеби е добро да го посетам“, наводно му рекол Османи на премиерот Димитар Ковачевски во врска со посетата, според Димитровски.

Досегашниот заменик-министер, кој неделава поднесе оставка на функцијата откако неговата партија, Демократски сојуз, излезе од владината коалицијата, во интервју за Радио Лидер понатаму тврди дека одлуката да оди во Софија, Османи само му ја пренел на Ковачевски, без да бара согласност или дозвола за потегот.
Кога се случил инцидентот со тепањето во Охрид, премиерот Ковачевски имал средба со своите коалициони партнери на која Ковачевски им раскажал дека Османи го информирал оти ќе го посети Пендиков, односно дека посетата не била негова или одлука на Владата, тврди Димитровски.

„Во тој момент еден од присутните го праша премиерот, добро зошто во тој случај го испраќате Бујар Османи во болница во Софија, да го види повредениот, да се извинува и така натаму. Премиерот тогаш ни одговори, не го испративме ние, ми се јави синоќа Бујар Османи и ми рече јас ќе одам во Софија утре, и го прашал зошто одиш во Софија, па Османи му рекол ќе одам два дена на скијање во Боровец и ќе одам утре во Софија, да го видам Пендиков. Зошто ќе одиш да го видиш Пендиков? Настанот е малку контроверзен, го зедоа со авион и така натаму.

И добро зошто ќе одиш да го видиш Пендиков, сè уште не е расчистен случајот, имаме полициска истрага во која гледаме дека случајот е за дрога?. Па, Бујар Османи му рекол: Знаеш, јас се слушнав со Американците, рекоа дека можеби е добро да го посетам заради тензиите да се намалат меѓу двете страни“, рече Димитровски во интервјуто.Министерот за надворешни работи Бујар Османи и премиерот Димитар Ковачевски досега не реагираа на наводите изнесени од Зоран Димитровски.