ДИМИТРИЕВСКИ : ФИСКАЛНА ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈА Е НЕМИНОВНО ДА СЕ СЛУЧИ, ПРОБЛЕМОТ СО ГИМНАЗИЈАТА ,,САМИ ФРАШЕРИ” ЌЕ ГО РЕШИМЕ, АКТИВНО РАБОТИМЕ НА ТОЈ ПЛАН

0
815
Почитувани,
Градоначалникот на општина Куманово во емисијата „Економски магазин“ на
Алсат М телевизија изјави дека фискалната децентрализација е неминовно
да се случи.
„Фискална децентрализација е неминовно да се случи, јас не сакам оваа
дебата да се трансформира дека е дебата којашто е насочена само со
критики кон Владата. Значи, оваа влада морам да потенцирам без разлика
на моите специфични политички односи со актуелната власт и во
владеачката партија СДСМ е една од владите коишто најмногу направи за
единиците на локалната самоуправа во делот на решавање на проблемите со
долговите. Но, се очекуваше многу повеќе да се направи на полето на
децентрализирање на средствата. Тоа вчера го кажав на ЗЕЛС, сега ќе го
повторам. Кога бев претседател на совет сметав дека треба да се
унапредат можностите на Советот и на советниците.

Станав градоначалник почнав да сметам дека треба градоначалникот да добие поголема надлежност. Веројатно кога ќе скокнете од локално на централно ниво како

што беше примерот со претходниот премиер и мојот драг пријател почитуван
господинот Заев и ќе се тргнете од локално на централно ниво сметате
дека тогаш власта таму треба да се држи, а власта се држи со средства.
Ако нема средства вие нема да имате состојба во државата во којашто
добар дел од медиумите ќе ви бидат под апсолутна контрола или на власта
или на опозицијата, ќе се борите за независно новинарство, а на крајот
нели сакаме да одиме во Европска Унија. Последните поглавја се токму
владеење на правото, слобода на медиуми итн, да ги решиме сите проблеми
коишто ги имаме, наметнати проблеми и претходно со Грција и со Албанија.
Конечно, ние ќе мораме да го решиме проблемот – да направиме и да
креираме едно непристрасно друштво, општество во кое сите ќе имаат
еднакви права и можности“, рече Димитриевски.
На прашањето дали ќе се реши проблемот со гимназијата „Сами Фрашери“,
Димитриевски потенцираше дека активно работи на тој план.
„Долго време изгубив во првиот мандат верувајќи во одредени политичари
од власта кои со празни ветувања не направија ништо по однос на ова
прашање од позиција министри за образование, а денеска ги гледам како
излегуваат со одредени објаснувања и повторно ветуваат дека ќе направат
нешто. Еве, ја користам оваа прилика во вашето студио јавно да го
повикам поранешниот министер за образование Арбер Адеми на една отворена
дебата да разговараме зошто во овие четири години не го решивме тој
проблем и зошто не се дава можности на општина Куманово да го реши тој
проблем со гимназијата Сами Фрашери. Ние немаме намера да застанеме
тука. Веќе во составот на Советот имаме апсолутен консензус. Утре имаме
нова координација, нарачавме проект за изградба, го работи нашето јавно
претпријатие идејното решение е готово. Одиме сега на изработка на
целиот проект, ќе ја даде пресметката колку тоа ќе чини. Не се работи за
едно училиште всушност, се работи за две училишта, и гимназија Сами
Фрашери и паралелките на техничко училиште на албански наставен јазик
каде во недостаток соседна општина Липково, бидејќи нема средно техничко
училиште голем број на ученици од таа општина доаѓаат и учат во општина
Куманово. Значи, треба да се решат во пакет. Деловно техничката зграда
на поранешен ЗИК Куманово еднаш засекогаш да биде затворена за таа
намена, бидејќи истата не е во таа функција, да се даде на општината,
тука да се пресели дел од административните служби, а на локација за
којашто утре ќе разговараме на координација со сите советнички групи да
утврдиме градба. Ќе бараме пари и од државата и подготвени сме со
општински средства да учествуваме“, истакна Димитриевски.
Тој посочи ако не се наиде на разбирање кај државата ќе се соберат
средства на локално ниво колку има, ќе се финансира тој проект и
дополнително ќе се побара самодопринос од граѓаните на општина Куманово
којшто секогаш во историјата имале високо ниво на свест и ќе помогнат
без разлика за кого се работи.
Со почит,