ДИК: Пријавени 3.537 граѓани со спорни записи во Избирачкиот список

0
1042

До Државната изборна комисија (ДИК) до изутринава до 8 часот пристигнале 3.537 барања за регулирање на избирачкото право од вкупно 39.502 граѓани кои се на списокот со спорни записи по вкрстените и административни проверки на Избирачкиот список.

Од овие 3.537 барања, Комисијата прифатила 3.359, во фаза на разгледување се 122, а 56 во обработка. Барањата можат да се поднесат во подрачните едници и одделенија на ДИК, како и електронски.
ДИК на својата веб-страна има објавено линк „Провери и пријави се“ преку кој граѓаните можат да пристапат до списокот со спорни гласачи и веднаш до него да најдат електронско барање за регулирање на избирачкото право. На овој линк можат да се најдат и информации колку лица се пријавиле до ДИК, а кои биле на списокот со спорни записи.
Минатата недела почна медиумска кампања преку која ДИК ги повикува граѓаните да направат проверки и доколку се на списокот да се пријават кај нив. Исто така беа испратени писма до сите лица кои беа на списокот на адресите со кои фигурираа во базата, по што неколкукратно се зголеми одѕивот на граѓаните.
Се очекува Комисијата да ја интензивира кампањата во последната недела пред истекот на рокот за пријавување 19 август. Уште една можност за пријавување граѓаните ќе имаат за време на јавниот увид пред предвремените парламентарни избори, што се очекува да се одржат до крајот на 2016 година.