ДИК: Анкетарите во Чаир треба да проверат 17.000 спорни гласачи!

0
990

На територија на општина Чаир, Бутел и Шуто Оризари анкетарите треба да проверат 17.000 записи со податоци за спорни гласачи. Повеќе од 11.000 спорни гласачи има во Куманово и Липковскиот регион, речиси 7.000 во Центар и Аеродром, во Карпош и Тетово по 6.000, а 4.000 има во Битола, пренесува „Мета“.

На денешната седница на ДИК со 5 гласа „за“ и 4 „против“ беше усвоен предлогот на членовите од ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева и од ДПА, Бедредин Ибраими на веб-страницата на ДИК да бидат објавени имињата на лицата кои ќе бидат опфатени со теренската проверка, поради како што рекоа, транспарентност на процесот.

Од Државната изборна комисија велат дека теренската проверка која започна денеска се изведува без проблеми.

Членовите на ДИК, за процесот да се одвива побрзо, одлучија да го зголемат и бројот на анкетари од 376 на 488.

– Од утринава во 80 општини на територијата на Република Македонија, вкупно 488 анкетари се на терен и ја спроведуваат теренската проверка – вели Љупка Гугучевска од ДИК.

Заедно со анкетарите на терен има и набљудувачи од четирите политички партии кои, како што велат од ДИК, немаат право да влегуваат во комуникација со лицата кои се анкетираат при теренските проверки.

Теренската проверка би требало да заврши до 3 април.

Извор: Мета