ДЕЧКИ АЈДЕ ДА БИДЕМЕ ХУМАНИ И ДА ПОМОГНЕМЕ : Новогодишна желба на Ѓорѓи е да игра фудбал, а јас ќе бидам најсреќна ако само застане на нозе!

0
1803

Додека во претпразничната атмосфера се нижат желби и листи на подароци кои повеќето деца ги посакуваат во Новата година, малиот Ѓорѓи од Струмица сака во новата 2020 година единствено да може да заигра фудбал. Неговата мајка Зорица Трајков вели дека најсреќна ќе биде ако нејзиното дете само застане на нозе и ги направи првите чекори.

Ѓорѓи, кој има три и пол години, е роден со церебрална парализа. Во тек на неговиот живот поминал многу. Болници, терапии, операција… Сепак, и покрај извршената операција за отстранување на спазмите, која била изведена на клиника во Турција, потребна му е соодветна физикална терапија, која исто така се врши на клиника во Истанбул, а со цел да се подобрат неговите движења и да може да има што е можно посамостоен живот.

Неговата мајка Зорица за ,,Фокус” раскажува дека има надеж и како со силна верба го започнуваат секој нов ден.

-Ѓорѓи ги има истите желби како и секое дете. Многу сака фудбал, и покрај тоа што самостојно не може ниту да седи, јас го кревам, го придржувам за рацете и тој веднаш со нозете се подава кон топката, сака да ја шутира, сака да оди по неа. Со милост во очите ги гледа другите деца како играат фудбал, тоа му е најголемата желба, и тој како нив да потрча по топката. Јас пак, само се надевам и верувам дека еден ден тој ќе може да ги направи првите чекори сам, без ничија помош – раскажува мајката.

Таа додава дека животот со дете со церебрална парализа воопшто не е лесен. Со сопругот имаат уште еден син, кој е се уште бебе, а таа поради сите обврски и негата која што му е потребна на Ѓорѓи, не оди на работа. Живееле од платата на сопругот, но поради честите престојувања во болница, поради терапиите и лекарствата, тешко излегуваат на крај.

-Во Струмица нема дневен центар каде би можела да го оставам Ѓорѓи, значи немаме соодветна институција во која професионалци, физиотерапевти и дефектолози ќе работат со него, а нам ни е тоа најпотребно. Сите терапии, се се плаќа на приватно. Во некои градинки знам дека примаат и деца со церебрална парализа, но тоа е еден комплексен проблем, значи мора да се има и стручен кадар, бидејќи на овие деца им се потребни лица од повеќе сфери, со цел да има напредок во нивниот развој. Неодамна Ѓорѓи имаше операција во Истанбул, Турција, на клиниката Аџибадем. Истата изнесуваше 28.000 евра, добивме попуст од клиниката бидејќи сме нивни редовни пациенти, а сумата од 18.000 евра ја покри Фондот за здравство. Сега, потребни се соодветни физикални терапии, кои исто така се прават на клиниката во Турција. Има напредок, и не смееме да застанеме, затоа ни е потребна помош од хуманиот народ – појаснува мајката.

Таа вели дека за неопходните терапии во Турција ќе им биде потребна сумата од 4.000 евра, во која биле вклучени и трошоците за сместување и патување.

-Многу е тешко, бидејќи работи само сопругот, со една плата не е возможно да се остават средства на страна, а секоја посета на клиника си има своја цена. Напредокот на моето дете зависи од терапиите, и затоа сме принудени да бараме помош од хуманите граѓани. Веруваме дека човечноста ќе победи, дека ќе успееме да ги собереме средствата потребни за Ѓорѓи да замине на терапија во Турција. Добро го познавам моето дете, го гледам напредокот, ја гледам и неговата желба да застане на нозе. Да му го овозможиме тоа – вели мајката.

Сите хумани луѓе и компании кои што се можност, можат да донираат на телефонските броеви 143 181 на Телеком и 143 486 на А1. Исто така, отворени се и сметки за донации. Комерцијална банка ад Скопје, хуманитарна сметка Ѓорѓи Трајков 300031000004414 Комерцијална банка ад Скопје Ице Трајков 300037105301590 За донации од странство: Ице Трајков IBAN: MK07300307016339821 SWIFT: KOBSMK2X